Воведното издание на штафетата ќе се одвива само низ Индија, но за идните шаховски олимпијади ќе биде проширено во целиот свет, во согласност со традициите на олимписките игри. Во текот на следните недели факелот ќе патува низ 75 града и региони во Индија, во пресрет на Шаховската олимпијада што треба да почне на 28 јули, во Ченаи

ФИДЕ

Раководното тело на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ја одржа својата инаугуративна церемонија на штафетниот факел во Индија, иницирана од индискиот премиер Нарендра Моди и претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович. Со оваа церемонија неофицијално почна Шаховската олимпијада (ШО) и новата шаховска традиција, пишува ФИДЕ на својата интернет-страница. ШО, која се организира од 1927 година, првпат годинава треба да се одржи во Индија (во Ченаи, од 28 јули до 10 август).
– Шахот е еден од најстарите спортови во светот, а неговата традиција е стара со векови. Имаме привилегија да додадеме важна традиција на шаховското наследство, така што повеќе луѓе што го сакаат шахот ќе имаат начин да се поврзат со спортот. Тоа е, исто така, многу важно за шахистите што ги посветуваат своите животи на спортот и учеството на церемонијата на штафетниот факел значи многу за нив – изјави Дворкович.
Олимпискиот оган како симбол на модерното олимписко движење беше воведен на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1928 година, во Амстердам, од архитектот Јан Вилс, дизајнерот на олимпискиот стадион. Тој наиде на топло добредојде, а многу брзо пламенот стана симбол на олимписката порака за мир, пријателство, толеранција и надеж.

– Нашите предци измислија игра како чатуранга или шах за аналитички мозоци и за мозоци што решаваат проблеми. Шахот, преку Индија, стигна до многу земји во светот и стана многу популарен. Денес, шахот се користи во училиштата како образовна алатка за младите, за децата – рече Моди.
Воведното издание на ШО со факел ќе патува само низ Индија, но во идните изданија ќе биде проширено низ целиот свет, во согласност со традициите на олимписките игри. Ќе патува низ сите континенти, посетувајќи ги државите-членки на ФИДЕ, а на крајот ќе кулминира во земјата и градот-домаќин пред отворањето на ШО. Во текот на следните недели, факелот ќе патува низ 75 града и региони во Индија, покривајќи вкупно растојание од 23.000 км, односно повеќе од половина од обемот на Земјата. Пламенот ќе го носат илјадници луѓе. Факелот ќе испрати силна порака за единство и соработка меѓу луѓето од сите сфери на животот.
ФИДЕ ќе препорача планирање официјални церемонии за штафетниот факел за сите идни организатори на шаховски олимпијади, пишува ФИДЕ.

Г.И.