Фото: Твитер/Бруклин нетс - Кајри Ирвинг наскоро би можел да се врати на паркетот

Еден од фаворитите во НБА-лигата, Бруклин нетс, официјално ја заврши битката со Кајри Ирвинг во врска со прашањето за вакцинација на кошаркарската ѕвезда. А плејмејкерот кој упорно одбива да се имунизира, излезе како победник од повеќемесечната пресметка, пишува „Атлантик“.

Брзото ширење на омикрон остави бројни тимови во најсилната светска кошарскарска лига во големи проблеми за пополнување на составот, поради големиот број на отсуства. Нетс попуштија во спорот со Ирвинг поради бројните позитивни случаи во тимот. Плејмејкерот не играше сезонава поради прописите за задолжителна вакцинација во Њујорк за присуство на спортски настани во затворен простор. Да му се дозволи на Ирвинг да се врати на паркетот, дури и само за мечевите на гостински терен, би претставувала голема пресвртница за тимот кој претходно реши да го исклучи од сите клупски активности. Тој би можел да биде во конкуренција за настап веќе против Индијана пејсерс в четврток.

Исходот од спорот помеѓу клубот и Ирвинг е дел од поголемиот проблем во професионалните спортови. Соочени со новиот бран на ширење на омикрон, НБА и Националната лига во американски фудбал (НФЛ) се предадоа, попуштајќи ги прописите и испраќајќи им помирувачки сигнали на спортистите кои одбија да се вакцинираат.

По издавањето на новите препораки од Центрите за контрола и превенција на болести во САД за скратување на карантинот за позитивните на ковид-19, НБА објави дека заболените кошаркари ќе треба да поминат шест дена во изолација наместо досегашните 10, ако немаат симптоми. Изолацијата во НФЛ изнесува пет дена, а новите прописи важат за вакцинираните и за невакцинираните играчи. Стапката на вакцинација во НФЛ изнесува 94 отсто, а во НБА 97 отсто, за што се смета дека придонесоа досегашните прописи.

На крајот, практиките на НБА и на НФЛ ја нагласија важноста на две нешта – навивачите да бидат задоволни и тимовите да можат да функционираат. Играчите кои ги одбија вакцините знаат дека желбата за остварување приходи е на нивна страна без разлика на проблемите што ги предизвикаа, одбивајќи да се вакцинираат, заклучува „Атлантик“.

Во неизвесност се и љубителите на тенисот, очекувајќи ја одлуката на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ за настап на првиот гранслем-турнир во новата сезона Австралија опен. Српскиот тенисер уште не открива дали е вакциниран, без да каже дали ќе настапи во Мелбурн. Од друга страна, уште е отворено прашањето дали организаторите ќе му дозволат на Ѓоковиќ да учествува дури и во случај да не е вакциниран, во рамки на дозволените исклучоци од прописите за имунизацијата.

Ѓоковиќ и Ирвинг се веројатно двајцата најпознати спортисти на денешницата чии професионални ангажмани се доведени во прашање поради нивните ставови за вакцинацијата, додека листата на светски популарните јавни личности кои одбиваат да се имунизираат против ковид-19 продолжува да се шири.

Ѓоковиќ има можност да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (тој, Роже Федерер и Рафаел Надал моментно имаат по 20) на турнирот во Мелбурн што се игра од 17 февруари, што сигурно ќе го земе предвид ако биде соочен со одлуката да бира помеѓу спортските успеси и вакцинацијата.