Гранпри-трките во Формула 1 (Ф1) што требаше да се одржат во Јапонија, Сингапур и во Азербејџан се откажани поради пандемијата на коронавирусот, објави „Би-би-си“. Со тоа Ф1 изгуби уште три гранпри-трки поради кризата со ковид-19, откако претходно беа откажани трките во Австралија и во Монако.

Постојат информации дека Германија е подготвена да биде домаќин на две трки во септември на патеката Хокенхајм, пишува „Би-би-си“. Челниците на Ф1 планираат сезона со вкупно 15-18 трки. Натпреварите треба да почнат во Австрија на 5 јули, а таму ќе се одржи и втората трка еден викенд потоа.