Засега сѐ е во најдобар ред меѓу спортистите од Македонија во Оран, никој не се пожалил на здравствени проблеми и слично. Нема ниту поголеми забелешки во врска со сместувањето, иако, како и секогаш на повеќето вакви настани, се провлекуваат некои мали пропусти, кои не играат никаква улога, ни изјави спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски

МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ

На 19. Медитерански игри (МИ) во алжирскиот град Оран, борачот Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг) забележа три победи, против Тунижанецот Мохамед Садуи (13-2), Алжирецот Мохамед Фарџ (10-0) и Шпанецот Алехандро Панкорбо (10-0) и ќе се бори за медал. Нуров, кој синоќа настапи во полуфиналето, во Оран го брани златниот медал од минатите МИ во Тарагона., Шпанија, во 2018 година. Од борачите, порази во првото коло претрпеа Фати Вејсели и Владимир Егоров, каратистите Симона Заборска, Петар Заборски и Петар Спасеновски, одбојкарите загубија од Египет 0-3 (23-25, 23-25 и 20-25), а одбојкарите во првото коло од Египет со 1-3…
Од Оран, покрај вестите од спортските борилишта, пристигнуваат и информации за организацијата на МИ, во медиумите од соседството се наведува дека некои репрезентации се соочиле со различни проблеми. Според хрватските медиуми, спортисти имаат забелешки на сместувањето, како и на храната. Боксерот, 19-годишниот Петар Крешимир Кнежевиќ, го предал мечот во осминафиналето. Според Боксерскиот сојуз на Хрватска, тој имал стомачни проблеми, а се пожалила и Николина Чачиќ, исто така хрватска боксерка.
– Засега сѐ е во најдобар ред меѓу спортистите од Македонија во Оран, никој не се пожалил на здравствени проблеми и слично. Нема ниту поголеми забелешки во врска со сместувањето, иако, како и секогаш, на повеќето вакви настани се провлекуваат некои мали пропусти, кои не играат никаква улога – ни изјави во телефонското јавување спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Владимир Богоевски. Л.Д.