Фото: Маја Јаневска-Илиева

Првата цел е остварена, освоен е Купот на Словенија. Клупските амбиции сезонава се големи, тоа е освојување на шампионската титула во првенството на Словенија и нов триумф во МЕВЗА-лигата, регионално натпреварување, и што е можно подалеку да стигнеме во Челенџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација, вели Ѓоргиев, најдобриот играч и поентер (27) во финалето на Купот на Словенија

ОДБОЈКА

Никола Ѓоргиев (33), најдобриот македонски одбојкар во минатата декада, го освои првиот трофеј сезонава, со тимот на АЦХ Љубљана победи во Купот на Словенија, со триумфот во финалето со Марибор со 3-2 (28-30, 20-25, 25-21, 25-17, 15-11). Нов клуб, нов трофеј во богатата кариера на Ѓоргиев.
– Беше тежок меч, губевме со 0-2, бевме пред пораз, но се вративме, заигравме најдобро кога беше најпотребно и заслужено победивме. Првата цел е остварена, освоен е Купот. Клупските амбиции сезонава се големи, тоа е освојување на шампионската титула во првенството на Словенија и нов триумф во МЕВЗА-лигата, регионално натпреварување (формирано е во 2005 година – н.з.) во кое учествуваат екипи од регионот, од Средна Европа, и што е можно подалеку да стигнеме во Челенџ-купот на Европската одбојкарска конфедерација – вели Ѓоргиев, најдобриот играч и поентер (27) во финалето на Купот на Словенија.
АЦХ Љубљана, која го освои 13-от куп-трофеј, доминира во словенечката одбојка последните две децении, односно освои 17 титули од кои 16 по ред, од 2005 до 2020 година. Во 2006-та беше победник и во Купот на Европската одбојкарска конфедерација.
– Во првенството на Словенија засега одлично туркаме, водиме на табелата, без пораз по 12 кола. Нѐ чекаат многу натпревари во сите конкуренции наредните месеци, само во јануари и во февруари ќе треба да одиграме по десетина, ќе биде напорно, но интересно и возбудливо. Презадоволен сум од Љубљана, добро сум прифатен со сите, станува збор за одлично организиран клуб во секој поглед, секој си го знае својот дел од работата, сѐ функционира како што треба – вели Ѓоргиев.
Со репрезентацијата на Македонија, тој настапи на Европското првенство (ЕП) во групата во Тампере, Финска, како и во Европската сребрена лига, на завршницата во Струмица.

– Резултатски поминавме лошо во Финска, полошо отколку на дебито на ЕП во Словенија во 2019-та. Можеше подобро, секако, но мислам дека кога ќе се погледа пошироката слика, треба да сме задоволни што вторпат по ред бевме на ЕП. Во 2023 година, Македонија ќе биде кодомаќин на ЕП, пак играме во завршницата, тоа е одлично за македонската одбојка. Имаше повеќе причини за неуспешниот настап на ЕП, игравме против многу силни противници, а некако и психолошки не бевме најподготвени. Доста нѐ погоди неуспехот во Сребрената лига и поразот дома од Данска. Бевме разочарани, многу го посакувавме тој триумф по неколкуте втори места. Но во мај и во јуни следната година нѐ чека нов настап во таа лига, играме со познати ривали, Албанија, БиХ и Романија, се надевам на фајналфор во Унгарија, ќе видиме таму што ќе биде, ништо не сакам да прогнозирам – рече Ѓоргиев.
Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) неодамна, за време на светските клупски првенства за мажи и за жени, тестира некои нови правила. Станува збор за мерач на време за изведување сервис (15 секунди) по освоен поен, ограничен број тимски тајмаути по сет (по еден) итн.
– Слушнав нешто за најавените промени, но не ги знам сите детали. Во принцип јас сум за измени што ќе придонесат одбојкарската игра да стане повозбудлива. Конкретно мислам дека и сега времетраењето при изведувањето сервиси не трае повеќе од 15 секунди. Со тајмаутите не знам, ќе треба да видиме во практиката, на натпреварите како ќе изгледа. А тоа со клупата со играчите пред главната камера, зошто да не, ако е поинтересно за публиката пред ТВ-екраните – вели Ѓоргиев.


Меѓу најдобрите во сите тимови

Никола Ѓоргиев (33) во кариерата има настапувано за повеќе клубови, вкупно 10. Почетоците му се во матичната Струмица, потоа има играно во Раднички Крагуевац (Србија), Јога Форли (Италија), Мили Пјанго (Турција), Париз волеј (Франција), Торај ероус (Јапонија), Проект Онико Варшава (Полска), Сакаи блејзерс (Јапонија), Фридрихсхафен (Германија) и лани во Инегол (Турција). Во текот на кариерата, тој доби 14 индивидуални награди, за најдобар поентер во Европската сребрена лига во 2021 година, најефикасен во квалификациите за ЕП 2019 итн. Во сите тимови тој беше меѓу најдобрите и најефикасни одбојкари, а играјќи за Париз волеј беше прогласен за најдобар во француската лига, во сезоната 2014/2015. За репрезентацијата на Македонија од 2005-та одигра 206 натпревари. Има два настапа на ЕП, во 2019 и во 2021 година, и освоено четири втори места во Европската сребрена лига (во 2015, 2016, 2017 и 2021-та).