Фото: Игор Бансколиев

Во принцип се договоривме дека ШФМ треба да контактира со Бирото за развој на образованието, каде што и ќе ја поднесеме програмата за шах во училиштата. А таа засега се однесува за оние деца што сега се прво одделение, односно од септември ќе бидат второ. Откако ќе има доволно обучен наставен кадар, во тековната година ќе се вклучат и децата од второ, четврто и од петто одделение, вели Гакидова, секретарка на УО на ШФМ

Неодамна, претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ, секретарката на УО на ШФМ, Александра Гакидова, и директорот на македонската шаховска репрезентација, Ѓорѓи Миновски, имаа средба со советникот за образование во Министерство за образование и наука, Шпетим Љатифи, кој беше информиран за иницијативата на ШФМ за воведување на шахот во основното образование, која треба да почне од септември годинава во прво, второ, четврто и во петто одделение, како задолжителен изборен предмет. И порано имаше ваква иницијатива, но како факултативен предмет од шесто одделение на часот по физичко образование.
– Во принцип се договоривме дека ШФМ треба да контактира со Бирото за развој на образованието, каде што и ќе ја поднесеме програмата за шах во училиштата. А таа засега се однесува за оние деца што сега се прво одделение, односно од септември ќе бидат второ. Ќе има шест изборни предмети, како што се на пример јога, пинг-понг и други, меѓу кои и шахот. Доколку има доволен број деца што ќе го изберат шахот, ќе се состави група што ќе го има овој предмет во рамките на училишниот ден и истиот тој ќе се оценува, а нема да биде секција или како што беше порано на часот по физичко воспитување. Откако ќе има доволно обучен наставен кадар, во тековната година ќе се вклучат и децата од второ, четврто и од петто одделение – вели Гакидова.
Создавањето доволен број наставници и заинтересирани ученици ќе претставува мошне битен елемент во остварувањето на оваа иницијатива.

– Најверојатно дека ШФМ не ќе може сето тоа во почетокот да го покрие со наши тренери, така што планот е и да се обучуваат со основите на шахот предметни или одделенски наставници, чисто да ги воведат децата во шаховската игра, како што е запознавање со фигурите, нивното движење, шаховската табла… Во соработка со Министерството за образование и наука е да се види прво кој е заинтересиран да предава шах или оној што има помал фонд часови, така што од таму ќе ни биде доделено кои наставници шаховски да ги обучуваме. Но наша цел ќе биде и да направиме квантитет, односно да имаме што повеќе наставници за шах – вели Гакидова.
Поранешната претседателка на ШФМ верува дека сето ова ќе биде успешно реализирано.
– Оптимистка сум и верувам дека оваа иницијатива, која ќе почне од септември, добро ќе тргне и ќе даде плод. Најважно е тоа што добивме поддршка од Министерството за образование и наука. Покрај во прво, шах ќе се учи и во второ, четврто и петто одделение како изборен предмет, а третоодделенците не влегуваат во оваа програма. За сето ова да биде успешно мора да се обрне многу внимание и на маркетиншкиот план, а тоа значи одење по училиштата, делење соодветен пропаганден материјал, организирање турнири, оти во спротивно децата можат да одберат друг задолжителен изборен предмет, што не ни одговара – вели Гакидова.