Фото: Тадеј Погачар / Твитер

Тој покажува разновидност и способност да се трка во какви било услови, што малкумина велосипедисти го можат, од ерата на Бернар Ино од пред четириесетина години. Тој ќе биде добар на калдрмата, ќе биде добар во хронометрите, ќе биде добар во планините…, тешко ќе биде да се победи. Погачар е како хибрид на Петер Саган (спринтер) и на Алберто Контадор (специјалист за ридско/планински етапи). Тој е талент што се појавува еднаш во генерација. Неговата разновидност е извонредна, вели Џонатан Ваутерс, генерален менаџер на американскиот тим ЕФ Едукејшн-изипост

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

В петок, во Копенхаген, почнува 109-от Тур де Франс,а Тадеј Погачар (23), младиот словенечки феномен што победи на претходните две изданија на Тур, е најголем фаворит за хет-трик, пишува весникот „Телеграф“. Тоа е статус со кој малкумина спорат во велосипедскиот спорт.
– Да, Погачар е апсолутен фаворит. Тој покажува разновидност и способност да се трка во какви било услови, што малкумина велосипедисти го можат, од ерата на Бернар Ино од пред четириесетина години. Тој ќе биде добар на калдрмата, ќе биде добар во хронометрите, ќе биде добар во планините…, тешко ќе биде да се победи – вели Џонатан Ваутерс, генерален менаџер на американскиот тим ЕФ Едукејшн-изипост.
Тешко, но не и невозможно. Никој не е непобедлив во текот на 21 етапа во разни услови, при вкрстени ветрови, на калдрма, при групни спринтови и при најтешки искачувања на планинските етапи. Има премногу варијабли. Но ако треба да се победи Погачар, кој е најверојатниот кандидат за тоа? И како ќе го направи тоа? Најголемиот отпор најверојатно ќе дојде од холандскиот тим Јумбо-Визма, во кој Воут ван Арт е тип на велосипедист што може да ги инспирира колегите на тешките искачување еден ден, а веќе следниот да бидат подготвени да спринтираат за победа. Тие ги имаат и двата следни фаворита за „жолтата маичка“, Словенецот Примож Роглич и Данецот Јонас Вингегард.

– Нашата главна сила не е да се бориме со Погачар „еден на еден“ пред целната рамнина. Тоа ќе биде многу тешко за нас и за секој велосипедист на Тур де Франс. Нашата сила е во тимот и планираме да го искористиме тоа – вели спортскиот директор на Јумбо-Визма, Матје Хејбоер.
Ваутерс смета дека Вингегард има поголеми шанси за изненадување.
– За Роглич не сум сигурен. Него ми е потешко да го прочитам. Чувствувам дека за Јумбо-Визма, Вингегард е посилната опција. Но нивниот проблем е што Погачар е како хибрид на Петер Саган (спринтер) и на Алберто Контадор (специјалист за ридско/планински етапи). Тој е талент што се појавува еднаш во генерација. Има многу талентирани возачи, Роглич, Ремко Евенепул, Матје ван дер Поел, ван Аерт, но Погачар ако се појави на трка на која сака да победи, тогаш победува. Неговата разновидност е извонредна. Не сум видел нешто слично во моите 30 години како велосипедист или како тим-менаџер. Тој победува на различни типови трки во истата година како и на Тур. Искрено мислам дека тој може да вози на Париз-Рубе (на калдрма), меѓу сите специјалисти, и да биде кандидат за победа. Последниот што победи на Париз-Рубе и на Тур во иста година беше Бернар Ино, во 1980 година – вели Ваутерс.
Како потенцијална слабост кај Погачар се смета топлото време.
– Тој не сака екстремно топло време. Но тоа не значи дека нема да победи ако е исклучително топло, но ако има слаба точка, тогаш е тоа. А летово се очекува да биде многу жешко – вели Воутерс. Л.Д.