Марјан Соколовски има успешна кариера како тренер. Повремено низ неговите раце минуваа најдобрите македонски пливачи, меѓу кои Маленко и Бошевска. Со Михајло Ристевски беше на ЛОИ 2008 во Пекинг, а со Андреј Стојановски, втор на СП за глуви, во Сан Антонио во 2015 година. Тој беше тренер и во Лондон и во Абу Даби, а во моментов работи со пливачките таленти во Базел

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (237) Марјан Соколовски (2)

Нема сомнение дека Марјан Соколовски со своите резултати, како активен пливач во периодот од 1970 до 1982 година, а потоа и како пливачки тренер има посебно место во македонската спортска историја. Тој неколкупати беше меѓу најдобрите пионери и младинци во Македонија во пливање, слободен стил, а како сениор долг период беше супериорен и републички рекордер на 200 метри делфин. Можеби ќе имаше уште поголеми достигнувања, доколку на 23- годишна возраст (1982 година) не се збогуваше со натпреварувачкото пливање и не се посветеше на тренерската работа. Но секој има право на избор, па иако го советуваа да продолжи со активното пливање, популарниот Мане во еден момент „пресече“ и реши комплетно да ѝ се посвети на тренерската работа.
– Уште кога по завршувањето на средното образование се запишав на Факултетот за физичка култура, здравје и спорт (на времето нарекуван ДИФ), веќе на сите им беше јасно дека спортот, конкретно пливањето, ќе биде мојата животна определба. И така беше, од 1983 година станав неразделен дел од овој прекрасен и здрав спорт, во кој, пак, сега желба ми беше да ги тренирам и подготвувам младите за постигнување врвни дострели – вели тој.
Марјан Соколовски брзо се вклучи во стручниот тим на својот тренер, инаку и селектор на македонската репрезентација, Димитрие Поповски- Шкипер. Со него полека навлегуваше во тајните на тренерскиот занает и настојуваше правилно да ги оцени можностите на секој млад пливач, за да може и тој да предвиди во која дисциплина до каде може да стигне. Така, полека низ неговите раце почнаа да минуваат многу генерации во АПК Студент, кој стана водечки во Македонија и од кој излегоа неколку југословенски, а по осамостојувањето на нашата држава и речиси сите македонски репрезентативци. Студент беше изворот на квалитет, а Шкипер беше оној што ја планираше целокупната програма за тренажниот процес, во која посебно место како тренер имаше и Марјан Соколовски.

ГЕНЕРАЦИЈА ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Откако беа изградени двата затворени базени во Скопје, во 1979 година, нашите пливачи, на изненадување на целокупната југословенска спортска јавност, брзо со квалитет се израмнија дури и со југословенските асови.
– Сите беа зачудени од брзиот подем, кој се должеше токму на новосоздадените услови за работа. Сега и ние можевме како и другите пливачи да тренираме во текот на целата година, а не само во летните месеци, кога најчесто одевме на подготовки во Охрид и во Струга, а кога бевме дома пливавме во трите базени во Скопје. Затворените базени, со еден збор, беа спас за македонското, особено за скопското пливање, иако и таму имавме проблеми со одржувањето и со загревањето на водата во зимскиот период, кое чинеше многу скапо. Но со помош на СИЗ-от за физичка култура и на ентузијастите од поголемите работни организации, некако се снаоѓавме и опстојувавме – вели Мане.
Мане Соколовски убаво се сеќава на генерациите што имаа шанса да запливаат во зимските базени. Тогаш на повидок беа една плејада пливачи, кои покрај талентот, имаа и голема желба за тренинг и за докажување.
– Во пливачката школа на Студент со своите резултати уште во почетокот се истакнуваа Бошевска, Трајковска, Гламочан, Димовска. Од нивните резултати, сите во поранешната држава беа изненадени, така што не стравувавме за нашата иднина, иако во тој период се наsираше и распадот на Југославија, а со тоа и на целокупниот систем во спортот. Ние и претходно имавме создадено база и една генерација што требаше да ја претставува нашата земја на меѓународната сцена. Моторна сила на таа генерација беше Наташа Мешковска, која беше најискусна меѓу нив, потоа Мирјана Бошевска, Весна Стојановска, Миладиновски и Александар Маленко, кој беше најголемиот наш талент, што се потврди и со освојување на европското злато на младинскиот шампионат на Европа во Копенхаген во1996 година. Јас имав задоволство три години да работам со него и можам да кажам Маленко беше еден и единствен. Тој кога ќе решеше да тренира, немаше кој да го запре. Дури во еден момент, кога малку го снема од сцената, Маленко собра сили и не само што учествуваше на Олимпијадата во Атина во 2004 година туку избори и добри пласмани – вели Мане.

ПЕКИНГ И САН АНТОНИО СВЕТЛИ ТОЧКИ ВО БИОГРАФИЈАТА

Со оглед на тоа што цел ден беше покрај базенот, Марјан Соколовски најдобро можеше да ја следи формата на пливачите. Така, воопшто не беше изненадување кога МОК ги определи него и неговиот пулен Михајло Ристевски да ја претставуваат Македонија на Олимпијадата во Пекинг во 2008 година. Во пливачкиот состав беше и Елена Поповска со тренерот Ангеловски.
– Таму доживеав многу пријатни моменти. Покрај тренинзите за настапот на Ристевски имавме време и за дружење во Олимпиското село. Тогаш се запознав и со легендарниот Новак Ѓоковиќ, кој некоја година порано го најави својот влез во светскиот тениски врв. Со него се фотографиравме за спомен, а тој својот прв олимписки настап го заокружи со освојување на бронзениот медал. Потоа бев во друштво со НБА-ѕвездите, кои за сите беа посебна атракција, а и со спринтерската легенда Усеин Болт, кој токму тогаш на голема врата влегуваше на атлетската сцена. Имаше уште многу, многу средби на кои убаво се сеќавам и кои денес ме исполнуваат – раскажува Мане.
Но се чини дека Соколовски најубавите моменти како тренер ги доживеа во Сан Антонио, во 2015 година, кога ја водеше нашата репрезентација на Светското првенство за глуви спортисти.
– Се нафатив на една хумана работа да ги тренирам глувонемите пливачи, кои исто како и другите имаат многу спортски активности, меѓу кои и настапи на светски првенства. Верувајте дека воопшто не згрешив. Да знаете со каква желба, настојчивост и пред сѐ почит кон мене работеа, тоа е нешто неверојатно. Навистина не можам со зборови да ги опишам нивната радост и среќа. Беа импресионирани што ќе учествуваат на најголемата пливачка приредба и ќе се борат за високи пласмани со ривалите од другите земји. Во тие натпревари во американскиот град Сан Антонио, кои и за мене ќе останат незаборавни, нашиот Андреј Стојановски втор помина низ целта во трката на 1.500 м. Познавајќи го Андреј колку е дисциплиниран и голем борец, да бидам искрен очекував пласман меѓу осумката, но оти ќе биде втор и ќе освои сребрен медал, тоа го посакував, но не го очекував. Андреј ги извлече сите сили, го потроши и последниот атом и кога беше најпотребно, тој беше најсилен. Приреди големо изненадување со пласманот на второто место. Можам од оваа временска дистанца да кажам дека тој навистина беше нашиот херој во Сан Антонио, наша македонска гордост. Кога стигнавме во татковината и ние почувствувавме колкава радост донесе ова сребро кај нашиот народ. Навистина Андреј испиша една убава страница во македонската спортска историја – вели Мане.

Соколовски го продолжува својот живот покрај базените. Го има на сите страни во светот. Извесен период ги тренираше талентите во главниот град на Емиратите, Абу Даби. Таму остави убави спомени и, како што вели, може во секој момент да се врати и да работи, се разбира, со новите генерации пливачи од ОАЕ. Но треба да се потенцира дека првиот предизвик во странство го имаше во Лондон. А, за ова имаше и причина.
– Таму можев полесно да се снајдам, бидејќи повеќе години во англиската метропола живее мојата сестра. Затоа одењето во Лондон не беше никаков ризик за мене – вели Мане.
Тренерот глобтротер Мане Соколовски не може да мирува, оди по нови предизвици и во моментов е тренер во Швајцарија, во клубот Свимфарајнбадер од Базел.
Таков е спортскиот живот на Марјан Соколовски, македонската пливачка легенда. Еден ден можеби ќе се смири и повторно ќе дојде во Скопје и ќе го возобнови неговиот поранешен клуб Акватик. Историјата би можела да се повтори. Тоа би било добро за сите, а најмногу за децата, кои преку пливањето и дружењето ќе го најдат вистинскиот пат во животот.