Јан Непомнијашчи го обезбеди првото место и вторпат во низа се стекна со правото да го предизвика светскиот првак Магнус Карлсен

ШАХ – ТУРНИР НА КАНДИДАТИТЕ

Русинот Јан Непомнијашчи (2.766) триумфира на Турнирот на кандидатите, кој се игра во Мадрид (Шпанија), откако во 13-то претпоследно коло ремизира со Унгарецот Рихард Рапорт, што беше доволно за со девет бода да остане сам на врвот.
На тој начин, Непомнијашчи вторпат во низа победува на Турнирот на кандидатите, нешто што досега му успеало само на Русинот Василиј Смислов во 1953 и во 1956 година. Двапати во низа победиле, но не на турнири на кандидати, туку на мечеви на кандидати (нокаут-систем), Борис Спаски, Виктор Корчној и Анатолиј Карпов. Со новиот триумф, Непомнијашчи се стекна со правото одново да го предизвика актуелниот светски шампион Магнус Карлсен, овој пат на меч во 2023 година.
Во другите партии од тоа коло, Американецот Хикару Накамура го совлада Полјакот Јан Кшиштов-Дуда, Азербејџанецот Тимур Раџабов ремизира со Американецот Фабијано Каруана, а Французинот Алиреза Фирузја го подели поенот со Кинезот Динг Лирен.
Во случај Карлсен да одбие да ја брани титулата, како што во една пригода претходно најави, тогаш за титулата ќе играат Непомнијашчи и второпласираниот од овој турнир, а тоа ќе биде Накамура или Лирен. За второто место се решаваше во вчерашното 14-то коло, кога токму тие двајца ги одмерија силите меѓу себе, а предноста на почетниот потег ја имаше Лирен.
Табела по 13-то коло: Непомнијашчи 9, Накамура 7,5, Лирен 7, Раџабов 6,5, Каруана 6,5, Рапорт 5,5, Дуда 5, Фирузја 5 поени. Двојки, 14-то коло: Рапорт – Раџабов, Каруана – Фирузја, Лирен – Накамура, Дуда – Непомнијашчи. Г.И.