Гордана Димовска/Фото: Приватна архива - Фејсбук

Гордана Димовска од Мелбурн за случајот на најдобриот светски тенисер

Јас, како и многу други гледаме како голема неправда е нанесена над Новак Ѓоковиќ и тој не заслужува ваков третман, вели Гордана Димовска од Мелбурн, активистка и членка на Здружението за социјална грижа на македонската заедница во Западниот Регион, коментирајќи го за „Нова Македонија“ третманот на најдобриот светски тенисер во Австралија.

– Луѓето се поделија за и против Ѓоковиќ. Некои мислат дека тој насилно влезе во Австралија, без уредна виза, но се докажа дека има сѐ. Општо речено сите се исплашија за угледот на Австралија во светот – објаснува Димовска.

Без разлика на поделените мислења за Ѓоковиќ, според Димовска, сите го гледаат затоа што е неверојатно добар тенисер.

– Убаво кажа и еден австралиски новинар – светот ни се смее.  И точно е и тоа дека Ѓоковиќ и го сакаат и го мразат, но сите го гледаат затоа што е неверојатно добар – смета Македонката од Мелбурн.

Таа додава дека последниот збор во случајот би можел да го има австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук.

– Ѓоковиќ навистина е ослободен, но можно е последен збор да даде министерот за имиграција кој имал сила над сѐ… и може да го депортира. Сѐ уште е неизвесно – порачува Димовска.

Австралиската влада се согласи да ја повлече одлуката за укинување на визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, на денешното рочиште во судот во Мелбурн. Наспроти одлуката, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук има можност лично да интервенира доколку одлучи да ја укине визата на Ѓоковиќ врз друга основа, за што австралиската влада дала назнака во судот.