Ваквите подготвителни кампови се добредојдени, особено за младите шахисти во нивниот понатамошен шаховски развој и треба да ги има почесто, вели селекторот на машката репрезентација, Недев, а Андоновски, селекторот на женската селекција, рече: Во целост ја постигнавме зацртаната цел што претходно беше замислена

УСПЕШЕН ШАХОВСКИОТ КАМП НА ПОПОВА ШАПКА

По четиридневниот подготвителен шаховски камп на Попова Шапка, со поширокиот состав на машката и на женската репрезентација за настап на Шаховската олимпијада (ШО) во Индија, годинава, познати се и составите што ќе ги бранат боите на Македонија на ШО во Ченаи (28 јули до 10 август), чиј редослед по табли уште не е точно дефиниран.
Подготвителниот камп беше предводен од селекторите Трајко Недев и Љубиша Андоновски, а предавач беше велемајсторот (ВМ) од Бугарија, Петар Арнаудов.
– Ваквите подготвителни кампови се добредојдени, особено за младите шахисти во нивниот понатамошен шаховски развој и треба да ги има почесто. Секако, би било добро да имаме повеќе поквалитетни тренери иако и Арнаудов е солиден предавач. На кампот во кој условите беа добри, работевме претежно теоретски и практични работи, и тоа во сите сфери од шаховската игра – вели селекторот на машката репрезентација, ВМ Трајко Недев.
Тој го соопшти и составот на машката репрезентација, која ќе ги брани боите на Шаховската олимпијада. Преовладува млад состав, нема неколку искусни велемајстори, кои претходно добиле повик да бидат во поширокиот список.
– Не знам од која причина откажаа искусните шахисти, како што се ВМ Кирил Георгиев, ВМ Никола Митков, ВМ Александар Чоловиќ, ланскиот шампион на Македонија, Филип Михов, и годинашниот првак Филип Панчевски. Оставив УО на ШФМ да го предложи петтиот шахист, а тој, според нивниот предлог, е Андреј Велјановски, кој наедно е и дебитант во репрезентацијата – појаснува Недев.
И женската репрезентација на Македонија ќе настапи во мошне подмладен состав, а ќе ја предводи селекторот и ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубиша Андоновски, кому ова ќе му биде деби-настап на оваа функција.

– Вакви кампови ни се добредојдени и многу потребни за младите шахисти. Предавањата беа мошне квалитетни и на различни теми. Во целост ја постигнавме зацртаната цел што претходно беше замислена, работејќи отворања, средишници и завршници во одлична атмосфера. Покрај Арнаудов, кој имаше секојдневно предавање од две сесии од по четири часа, одделни предавања имав и јас имав со женскиот состав. Сепак, не бевме комплетни, ни недостигаа Ивана Манова, која имаше испити на факултет, и Леа Ефтовска (19) поради матурски обврски, а Моника Жежовска ни се приклучи подоцна. Во репрезентацијата имаме две дебитантки, Ефтовска и Жежовска, од која втората има само 13 години – вели Андоновски.
На кампот покрај повиканите шахисти и шахистки, како гости присуствуваа и ги следеа предавањата и поранешните македонски репрезентативки Сања Трајковска и Катерина Петровска, потоа неколку млади и талентирани шахисти, како на пример Леонид Петрески, Андреи Калин…, но и искусните имиња од странство, како на пример ИМ од Словенија, Богдан Подлесник, ЖИМ од Србија, Сандра Ѓукиќ, ФМ од Бугарија, Белослава Крастева…


МАШКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

ШАХИСТ РЕЈТИНГ
ВМ Звонко Станојоски 2.407
ФМ Емил Ристески 2.391
ИМ Тони Лазов 2.377
ИМ Никола Николовски 2.372
Андреј Велјаноски 2.200

ЖЕНСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
ШАХИСТКА РЕЈТИНГ
ЖФМ Моника Стојковска 2.086
Ивана Манова 1.853
Драгана Николовска 1.904
Леа Ефтовска 1.610
Моника Жежовска 1.611