Селекторот Кузмановски и Костовска

Ќе се борам до последната секунда, сѐ со цел да го освојам тој медал и со голема радост да го донесам во Македонија. Максимално сум психички и физички подготвена и ветувам дека ќе го дадам максимумот, вели Костовска

КАРАТЕ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ТУРЦИЈА

Македонските претставници Вероника Костовска (категорија до 61 кг) и Петар Спасеновски (до 84 кг) и двајцата во борби, утре ќе се борат за бронзен медал на Европското првенство (ЕП) во карате, во турскиот град Газиантеп. Тие се дел од 16-члената македонска репрезентација предводена од селекторот во борби Александар Кузмановски и од селекторот во кати Стојан Андриевски. На ЕП учествуваат 510 натпреварувачи од 45 држави.
Костовска (22) загуби во почетокот од Германката Ана Мигу, но бидејќи Мигу обезбеди финале, тоа ѝ овозможи на Костовска да има репасажни борби. Таа го искористи тоа и прво беше подобра од Антеа Стиланиу од Кипар (6-2), а потоа и од Киа Копонен од Финска (3-0). Во борбата за бронзениот медал таа ќе се сретне со Французинката Лаура Сиверт.
– Сите сме дојдени тука со една цел, а таа е да освоиме медал. Имам спортски респект за сите мои противнички, па така и за Французинката, но ќе се борам до последната секунда, сѐ со цел да го освојам тој медал и со голема радост да го донесам во Македонија. Максимално сум психички и физички подготвена и ветувам дека ќе го дадам максимумот. Со мојот селектор и тренер Кузмановски ќе подготвиме добра тактика, а од Македонија ни помага и вториот клупски тренер Кристијан Младеновски.

Имам огромна поддршка од репрезентативните колеги, како и од матичниот клуб Олимпик спорт 2007 и верувам дека утре ќе се радуваме сите заедно – ни изјави Костовска, која има злато од ЕП 2014 за кадети, а била петта на ЕП за јуниори (до 21 година) и деветта на сениорското ЕП 2018 во Србија.
Спасеновски (24), пак, до борба за бронзен медал дојде откако ги совлада Лука Ретенбахер од Австрија (3-0), Мерис Муховиќ од БиХ (1-0) и Ибањез Сајнц-Торе од Шпанија (3-2). Во дуелот за влез во финалето беше поразен од Хрватот Енис Гарибовиќ (3-0). Спасеновски бил европски првак за јуниори (до 21 година) во 2019 година и трет на ЕП 2016 за јуниори. До меч за бронзен медал не успеа да стигне Ангела Мојсовска (до 68 кг) во борби, која иако обезбеди пласман во репасажот, сепак, минимално загуби во првата борба од Ерменката Анита Макјан (3-2). Вчера попладне се бореа и машката и женската репрезентација (екипно) во борби.