Ник Кирјос (десно) и Рафаел Надал/Фото: Тенисворлд

Случајот на најдобриот светски тенисер го подели белиот спорт

Одолговлекувањето на процесот за визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ го подели белиот спорт, со што на спротивни страни се најдоа Рафаел Надал и Ник Кирјос. Надал дури се соочи со критики во шпанската јавност поради ставовите за ситуацијата во која се наоѓа Ѓоковиќ, а Кирјос застана во одбрана на деветкратниот освојувач на Австралија опен. Интересно е што австралискиот тенисер во повеќе наврати имаше лични несогласувања со Србинот, додека Шпанецот го истакнуваше пријателскиот однос со Ѓоковиќ, наспроти тоа што се лути ривали на теренот.

Надал во Мелбурн рекол дека ниту еден играч не е поголем од Австралија опен, коментирајќи ја ситуацијата во која се наоѓа Ѓоковиќ, јасно ставајќи до знаење дека не се согласува со водечкиот светски рекет.

– Морам да кажам една работа – јасно е дека Новак Ѓоковиќ е еден од најдобрите играчи во историјата на тенисот. Тука не постои сомнеж. Но не постои играч во историјата кој е поважен од натпреварувањето. Никој, ниту Роже, ниту јас, ниту Новак, ниту Бјорн Борг, кој беше неверојатен во периодот кога играше. Австралија опен е поважен од било кој тенисер – рекол Надал, дополнувајќи дека не се согласува со многу нешта и дека му е сеедно дали Ѓоковиќ ќе игра.

– Доколку добие дозвола да игра ќе биде во ред. Ако не добие дозвола да игра, турнирот и без него ќе биде одличен. Така јас гледам на работите. Навистина многу го почитувам и покрај тоа што не се согласувам со многу работи што ги направи во изминатите години – порача Надал, кој е шести носител на турнирот, со што е можно да се сретне со Ѓоковиќ во полуфиналето, доколку Србинот учествува на Австралија опен.

Од друга страна, Кирјос, кој важи за еден од најголемите критичари на Ѓоковиќ, стана еден од најголемите поддржувачи на српскиот тенисер во спорот со австралиските власти. Кирјос уште еднаш ја критикуваше Владата на Австралија за односот што го има кон деветкратниот освојувач на Австралија опен. Кирјос, уште еднаш го нагласил неговиот став во поткастот „Без граници“, откривајќи дкеа Ѓоковиќ на „Инстаграм“ му се заблагодарил за поддршката.

– Тој не очекуваше дека јас вака ќе реагирам. Очигледно е под голем притисок, целиот свет е против него. Го третираме како Новак Ѓоковиќ, а не како човек. Замислите како се чувствува тој. Мислам дека му е потребна искрена човечка поддршка. Од мене ја има – рекол Кирјос.

Австралискиот тенисер, открил дека негова желба е Ѓоковиќ, не само да ја добие правната битка со Владата на неговата земја, туку и да победи во Мелбурн. Открил и како би ја прославил евентуалната победа на Ѓоковиќ.

– Тој министер, Алекс Хоук (го искористи правото за укинување на визата на Ѓоковиќ – н.з),  вели дека Новак Ѓоковиќ е закана за нашите граници. Јас велам дека тоа не е точно. Ние го третираме како тој да е оружје за масовно уништување. Дојде да игра тенис, ги разбирам нападите дека не е вакциниран, но тој има документација кој му овозможува да игра. Целиот бес го насочија кон него за да го исфрлат од земјата. Ништо лошо не направил, тој само сака да игра тенис. Важно е да игра овде, важно е за спортот! Знате што сакам? Сакаме да ја освои Австралија опен и потоа јас да шетам со маица на која пишува. „Одиме“ и со маска со ликот на Новак Ѓоковиќ. Тоа би било сјајно – заклучил Кирјос.