Нодирбек Абдусаторов (лево) беше единствениот кој го победи Магнус Карлсен на турнирот

Најдобриот шахист на денешницата, Норвежанецот Магнус Карлсен, ја загуби титулата светски првак во брзопотезен шах, завршувајќи на третото место иако имаше ист број на бодови како победникот и второпласираниот, притоа нарекувајќи ги правилата „идиотски“.

Титулата светски првак му припадна на 17-годишниот Узбекистанец Нодирбек Абдусаторов, кој стана најмладиот шампион во брзопотезен шах во историјата. Карлсен го заврши натпреварувањето во Варшава со 9,5 поени, исто колку и Нодирбек Абдусаторов, Јан Непомнијашчи и Фабијано Каруана.

– Многу сум разочаран што немав шанса да играм тај-брејк. Мислам дека играчите треба да кажат нешто за овој многу лош систем. За мене, секој тај-брејк систем е добар доколку е фер. Ако некој има право да повтори, тогаш секој со ист резултат треба да го има тоа право – рече Карлсен кој во последниот меч се сретна со американскиот шахист Хикару Накамура.

Нодирбек Абдусаторов беше единствениот кој го победи Карлсен на турнирот, со што направи едно од најголемите изненадувања. Норвежанецот поради системот на бодување заврши на третото место и не доби шанса да ја одбрани светската титула. Победникот меѓу водечките четворица шахисти бил решен така што предност им се давала на играчите врз основа на тежината на противниците со кои се соочуваат.

– Немав поим што се случува. Мислев дека нерешено ми е доволно, па играв на сигурно. Тоа правило е идиотско. Или сите треба да играат тај-брејк, или никој не треба – додаде Карлсен.

Финалниот меч го одиграа Непомнијашчи и Абдусаторов, а титулата во тој тај-брејк му припадна на 17-годишниот Узбекистанец. Карлсен ја одбрани титулата на Светското првенство во брзопотезен шах во 2019 година, трета во кариерата, а поради пандемијата, натпреварувањето не се одржа во 2020 година. Русинката Александра Костенјук ја освои титулата во женска конкуренција.