Јада, кој обезбеди олимписка А-норма, ќе настапи во спринтот на 1,4 км и во маратонот, на 50 км, а Цветановска на 10 км класично и во скијатлон 7,5+7,5 км (класичен и лизгачки стил)

НА ЗОИ 2022 ВО КИНА

Ставре Јада вторпат, по настапот во Пјонгчанг во 2018 година, и Ана Цветановска првпат ќе ја претставуваат Македонија на Зимските олимписки игри (ЗОИ) што ќе се одржат во Пекинг (Кина), од 4 до 20 февруари. Официјализирање на оваа информација се очекува денеска, кога Интернационалната скијачка федерација (ФИС) ќе ја објави конечната листа на натпреварувач(к)и на ЗОИ 2022.
Јада, кој обезбеди олимписка А-норма, ќе настапи во две дисциплини, во спринтот на 1,4 км и во маратонот на 50 км, а Цветановска на 10 км класично и во скијатлон 7,5+7,5 км (класичен и лизгачки стил).
Завршните подготовки пред заминувањето за Пекинг, Јада и Цветановска, предводени од тренерот Борче Јованоски, ќе ги направат во Германија и во Италија.
Јада е роден на 18 мај 1998 година во Крушево, студент е на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје. Тој е член на клубот Скии-Рис од Скопје. Со скијање почнал на 12-годишна возраст, а покрај настапот на ЗОИ 2018, учествувал на пет светски првенства (СП), во нордиско скијање и во биатлон, и на 10 европски првенства (ЕП).
Цветановска е родена на 6 декември 2000 година во Скопје, членка е на Скии-Рис од Скопје и со скијање се занимава од 2016 година. Таа учествувала на две светски првенства, на четири европски првенства и на два светски купа.