Фото: Новак Ѓоковиќ/Твитер

Одлуката за давање на медицински исклучок за повеќемина тенисери за влез во австралиската држава Викторија, вклучувајќи го и првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ, со што им се овозможува учество на претстојниот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, предизивка големо негодување во јавноста, соочувајќи го и организаторот со критики. Ѓоковиќ досега упорно одбиваше да открие дали примил вакцина против ковид-19 повикувајќи се на слободата на избор.

Мелбурн помина низ едно од најдолгите заклучувања во текот на пандемијата, а меѓу оние кои се пожалија на одлуката се и локалните здравствени работници, велејќи дека ваквиот потег „многумина во Викторија го сметаат за фрустрирачки и разочарувачки“. Бројни љубители на тенисот преку социјалните мрежи му порачаа на Ѓоковиќ дека не е добредојден и дека ќе се соочи со непријателски пречек во Мелбурн, како и дека ќе навиваат против него.

Тони Надал, чичкото и поранешен тренер на Рафаел Надал, кажа дека би било добро Ѓоковиќ да даде одредено објаснување за добиениот исклучок, а Џејми Мареј, братот на Енди Мареј, исто така даде свое видување за ваквата одлука.

– Мислам дека јас немаше да добијам исклучок, ако не бев вакциниран – порача Џејми Мареј.

Организаторите на турнирот, пак, соопштија дека ги разгледале барањата за исклучоци поднесени од страна на мал број на тенисери. Светската тениска асоцијација (АТП) претходно објави дека 95 од водечките 100 светски тенисери се вакцинирани.

– Никој нема специјален третман поради тоа кој е или поради постигнувањата на професионален план – уверува Џала Пулфорд, министерката во владата на Викторија.

За тенисерите кои добија изземање од прописите важат речиси истите правила како и за вакцинираните, со одредени построги растрикции за движењето.

Ѓоковиќ во текот на минатото издание на Австралија опен имаше листа на барања за организаторите, кога важеа прописите за 14-дневен карантин во Мелбурн за учесниците на турнирот, како и за дневно тестирање и за ограничување на контактите.

Државата Викторија постигна стапка на вакцинација од 93 отсто за оние над 12-годишна возраст, а моментно се соочува со нов бран на коронавирусот, со забележани 17.636 случаи во текот на вчерашниот ден.

Деветкратниот шампион на Австралија опен, Ѓоковиќ, има можност да стигне до рекордниот 21-ви гранслем-трофеј (тој, Роже Федерер и Рафаел Надал моментно имаат по 20) на турнирот во Мелбурн.

Првиот гранслем-турнир сезонава ќе се одржи од 17 до 30 јануари.