Вкупно 32 спорта ќе бидат на програмата на Игрите во Париз, со 329 натпревари за медали

Извршниот одбор (ИО) на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ги одреди критериумите за квалификации и распоредот на натпреварувачките сесии, како и за тежинските класи и формати на натпреварување за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година, објави ИОК на својата интернет-страница.
Квалификациските системи за сите 32 спорта од програмата на ЛОИ 2024 беа одобрени од ИО за различните начини на кои спортистите и националните олимписки комитети можат да се пласираат за Игрите во Париз во 2024 година. ИОК наскоро ќе ги објави критериумите за сите дисциплини поединечно. Извршниот одбор на ИОК, исто така, го одобри распоредот на натпревари, што ја одразува амбицијата на ЛОИ 2024 да понуди спектакуларни и популарни Игри, а распоредот ќе им овозможи на сите спортисти да учествуваат барем на една од олимписките церемонии.
Вкупно 32 спорта ќе бидат на програмата, што резултира со 19 дена натпреварување, со 329 натпревари за медали и вкупно 762 настани. ЛОИ во Париз во 2024 година ќе бидат првите целосно родово избалансирани игри, со точно 50 отсто учество на мажи и жени, пишува ИОК.