Неизвесноста траеше 11 дена, а вчера одлуката на министерот за имиграција Алекс Хок за укинување на визата за Ѓоковиќ ја потврди тричлениот Федерален судски совет, по што Ѓоковиќ нема да ја брани титулата на Австралија опен

ТЕНИС – ПО ОДЛУКАТА НА ФЕДЕРАЛНИОТ АВСТРАЛИСКИ СУД

Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, нема да настапи на првиот годинашен гранслем-турнир Австралија опен, ќе нема можност со евентуален триумф 10-ти, јубилеен пат да го крене славеничкиот пехар, а со тоа и да се обиде да стигне до рекордниот 21. гранслем-трофеј во кариерата, бидејќи и Роже Федерер и Рафаел Надал имаат по 20. Одлуката на министерот за имиграција Алекс Хок за укинување на визата за Ѓоковиќ ја потврди тричлениот Федерален судски совет, кој вчера ја потврди претходната одлука по жалбата на адвокатскиот тим на Ѓоковиќ. На Ѓоковиќ му беше одредено да ја напушти земјата.
Одлуката на судот беше едногласна, сите тројца судии решија да го потврдат укинувањето на визата на Ѓоковиќ. Федералниот суд речиси три часа одлучуваше, а конечната одлука е дека му е потврдено укинувањето на визата, со образложение дека неговото пуштање да игра негативно би влијаело на Австралијците.

– Ми треба малку време да се одморам и да закрепнам пред да коментирам нешто дополнително во оваа пригода. Крајно сум разочаран од пресудата со која ми беше укината визата за престој во Австралија, што значи дека нема да можам да учествувам на Австралија опен. Ја почитувам одлуката на судот и ќе соработувам со соодветните државни органи. Непријатно ми е што фокусот беше на мене изминативе недели. Се надевам дека сега ќе можеме сите да се посветиме на играта на турнирот што го сакам. На тенисерите, официјалните лица, тренерите, волонтерите и навивачите им посакувам сѐ најдобро на турнирот – изјави Ѓоковиќ.
Гранслем-турнирот Австралија опен почнува денеска и ќе трае до 30 јануари.