Фото: Твитер/Новак Ѓоковиќ

Австралиската влада се согласи да ја повлече одлуката за укинување на визата на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, што значи дека визата со која Србинот пристигна во Австралија е важечка.

Тој ќе биде пуштен од хотелот во Мелбурн во кој престојуваше во изминатите неколку дена и ќе му бидат вратени пасошот и личните работи. Ова е исходот од судското рочиште за случајот на Ѓоковиќ кое тукушто заврши, пренесуваат светските медиуми.

Австралиската влада призна дека не му дала доволно време на деветкратниот освојувач на Австралија опен да реагира откако го известила за намерата за укинување на неговата виза.

Наспроти одлуката, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук има можност лично да интервенира доколку одлучи да ја укине визата на Ѓоковиќ врз друга основа, за што австралиската влада дала назнака во судот.

Во тој случај прашањето повторно би се вратило пред судот, бидејќи Ѓоковиќ би се соочил со тригодишна забрана за влез во Австралија, ако министерот одлучи да му ја укине визата.