Кај жените Јамајка, која ги освои медалите на 100 и златото и среброто на 200 м, а кај мажите САД, кои ги освоија сите медали на 100 и на 200 м, наместо со злата, се закитија со сребра во штафетите на 4х100 метри

АТЛЕТИКА – СП ВО САД

Штафетната трка на 4×100 метри е еден од највозбудливите настани во атлетиката, но бидејќи бара прецизност при предавањето на палките, никогаш не се знае како ќе се одвиваат работите. Такво нешто се случи на Светското првенство (СП) во Јуџин (САД), во финалните трки за мажи и за жени на кои фаворитите не освоија златни, туку сребрени медали.
Во женската трка, штафетата на САД составена од три исклучително млади ѕвезди, Мелиса Џеферсон (21), Аби Стајнер (22), Тавиша Тери (23) и „ветеранката“ Џина Прандини (29), трчаше беспрекорно, освојувајќи го осмото светско злато за женската штафета, со време од 41,14 секунда, трето најбрзо во историјата. Јамајка, која ги освои медалите на 100, како и златото и среброто на 200 метри, се сметаше за фаворит во оваа трка, но при несигурната прва размена на палката од Кемба Нелсон, Елејн Томпсон-Хера мораше да забави малку за да се увери дека примопредавањето било во дозволената зона за да не биде дисквалификувана. Шерика Џексон, која претходно освои злато на 200 метри, ја намали разликата во однос на Тери, но не можеше да ја престигне пред целната линија. Времето на Јамајка беше 41,18, а на Германија, која ја освои бронзата, 42,03 секунди.
Во машката штафета второ место го освоија фаворизираните САД. Тие ги освоија сите медали на 100 и на 200 метри, па дури и без освојувачот на златото на 100 метри, Фред Керли, кој се повреди, имаа силен тим. И што е уште побитно, тие го задржаа истиот квартет и редослед од квалификациите до финалето, што значи дека шансите за поголема грешка беа минимизирани. Но не излезе така. Предавањето на палката од Кристијан Колман до „златниот“ на 200 метри, Ноа Лајлс, не беше совршено иако потоа Илајџа Хол си ја заврши својата работа, а Марвин Брејси имаше водство во последната измена. Но Канаѓанецот Андре Деграс, шампионот од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио лани, кој имаше разочарувачка сезона поради повредата на стапалото и двете инфекции од ковид-19, не разочара, успеа го помине Брејси и да го освои златото за Канада со време од 37,48 секунди, осум стотинки побрзо од сребрената штафета на САД (37,55). Велика Британија ја освои бронзата со 37,83 секунди. Л.Д.