ЗОИ 2026 ќе бидат родово најбалансираните ЗОИ досега, со 47 отсто учество на жени, пишува ИОК. Нов спорт е скијачкото планинарење, а измени има во санкањето, скијањето во слободен стил, скијачките скокови и во алпското скијање

ИОК

Извршниот одбор на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) објави дека на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година, во Милано и во Кортина д`Ампецо (Италија), ќе има осум нови дисциплини, со фокус на родовата еднаквост во однос на настаните и квотите за спортистки, објави ИОК на својата интернет-страница.
Овој пристап е во согласност со целта за намалување на трошоците и сложеноста на одржувањето на ЗОИ со користење на постојните места и почитување на вкупната квота на спортисти од 2.900. Програмата за спортови и дисциплини на ЗОИ 2026 ќе вклучува рекорден број женски дисциплини и ќе биде родово најбалансираното издание на ЗОИ досега, со 47 отсто учество на жени, пишува ИОК.
Промените воведени за ЗОИ 2026 се однесуваат на четири спорта, и тоа скијачко планинарење (нов олимписки спорт за овие ЗОИ, со три дисциплини, машки и женски спринт и мешана штафета), мешана тимска трка во скелетон, женски двојки во санкање, замена на еден отворен натпревар во двојки со еден натпревар во двојки за мажи, машки двоен могул во скијање во слободен стил, мажи и жени, како и скијачки скокови за жени од голема скокалница. Од програмата беше исфрлен тимскиот паралелен слалом во алпско скијање, а ИОК одлучи привремено да ги вклучи натпреварите во алпска комбинација за мажи и за жени, и тие ќе бидат предмет на дополнително разгледување, најдоцна до април 2023 година.

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) одлучи да нема натпревари во нордиска комбинација за жени во скијачката програма и на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година во Милано и во Кортина д’Ампецо (Италија), пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП). Под знак прашалник е и долгорочната олимписка иднина на нордиската комбинација за мажи, освен доколку не се зголеми бројот на глобалната публика и ако нема спортисти од повеќе земји што ќе се натпреваруваат.
На истиот состанок, Извршниот одбор (ИО) на ИОК одлучи на вторите по ред Летни олимписки игри (ЛОИ), тие во Париз во 2024 година, да ѝ ги одземе ингеренциите на Интернационалната боксерска асоцијација (ИБА), како и за сите квалификациски настани. Боксот и нордиската комбинација имаат долги олимписки истории. Нордиската комбинација, која се состои од две спротивставени дисциплини, скијачки скокови и крос-кантри, беше еден од оригиналните 16 настани за медали на првите ЗОИ, во 1924 година, во Шамони (Франција). Л.Д.