Шампионскиот тим на Алкалоид од 2016 година кој триумфираше во ЕКК

Интернационалниот шаховски мајстор Никола Димоски ги доживеа најубавите мигови како функционер во 2016 година, кога „Алкалоид“ ја освои европската круна. Тој беше селектор на екипата, која на финалниот турнир во Нови Сад се искачи на европскиот врв, и еден од креаторите на идејата во шаховските школи да се вклучат искусни велемајстори

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (229)

Никола Димоски (2)

Во Македонија, во која шахот беше многу популарен, особено по организацијата на Шаховската олимпијадата во Скопје во 1972 година, беше исклучително тешко да се дојде до шампионската титула во сениорска конкуренција. Имаше неколку шахисти предводени од Јован Софревски и од Ристо Ничевски, кои секогаш беа подготвени за атака на првото место. Сепак, во тие интересни трки да се дојде на врвот, најмногу успех имаше Софревски, кој дури 16 пати се искачи на победничкиот пиедестал. Тој како да ги имаше „присвоено“ шампионатите за себе и секогаш на стартот од поединечните првенства, нему му се даваа најголеми шанси, иако тука беше и неговиот прв конкурент и лут ривал Ристо Ничевски.
Имаше и други шахисти што имаа квалитети и ја освојуваа сениорската титула. Еден од нив беше токму Никола Димоски, кој двапати стана шампион на Македонија, а имаше и трета шанса, но во 1995 година, во која се раздели од активното играње шах, иако пред крајот на првенството имаше висока предност, сепак не успеа да се закити со трета титула.
– Овој шампионат во Струга, особено последните пет кола беа приказна за себе. Во финишот влегов со предност од 1,5 поен, што значи дека со тактизирање можев да освојам доволно поени за првото место и третата титула. Но го платив данокот од трката за рекордно освојување поени на еден шампионат. Играв фајтерски, иако чувствував голем умор и од другите ангажмани што ги имав во тој период како генерален секретар на ШФМ. Имено, во време на шампионатот требаше да се одржи Изборна конференција, па јас како прв во администрацијата морав да го организирам и овој настан, што дополнително ме исцрпи. Кога сме веќе кај конференцијата, да споменам дека тоа беше годината кога дотогашниот претседател Арсов по неколкугодишната успешна работа ја напушти функцијата, а за претседател дојде Бузлевски. Тоа „трчање“ околу организацијата и желбата да го завршам шампионатот со рекорден број поени ми се врати како бумеранг. Во недостиг од сили попушти и концентрацијата, па на крајот не само што не го урнав рекордот, кој мислам дека го држеше Ничевски, туку го загубив и првото место. Мала утеха ми беше што на крајот го делев второто место – се присетува Димоски.

ПАТОТ ДО ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА ТИТУЛА

За шахистите никогаш нема одмор. Постојано на сите страни од Земјината топка, оти древната игра е распространета насекаде, се одржуваат турнири на кои може да се освојат балови за интернационален мајстор, а потоа и за велемајстор.
– Ние, шахистите од Македонија, имавме привилегија што вакви турнири се одржуваа кај нас, а и во нашето опкружување. На пример, јас вториот бал го освоив на „Скопје опен“ во 1988 година. Турнирот беше квалитетен и имаше доволен број шахисти со титули, кои го подигнуваа нивото и на него можеа да се освојуваат балови за повисоките титули. На овој турнир првото место го освои тогашниот актуелен југословенски првак Зденко Кожул со 10 поени, јас бев втор со 9,5, а нормата за интернационален мајстор беше да се освојат осум поени. Јас отидов далеку над нормата. Инаку, според тогашните прописи на ФИДЕ, за да се стане интернационален мајстор требаше на два-три турнири да се одиграат најмалку 25 партии. Јас со скопскиот турнир го исполнив овој услов. Што се однесува, пак, до „бркањето“ на оваа титула, што е сон на многу шахисти, практично почнав во 1979 година на турнирот во Гливице во Полска. Тоа беше турнир на кој настапуваа многу квалитетни играчи и во таа силна конкуренција, од можни 13, требаше да се освојат осум поени за да се освои првиот бал за интернационален мајстор. Јас не само што ја издржав битката туку со осум поени се пласирав на второто место. Тоа беше доволно за освојување на првиот бал, а потоа ја чекав следната шанса, која дојде, како што кажав, дури по девет години на популарниот и традиционален „Скопје опен“.

ДРУЖЕЊЕ И ТРЕНИРАЊЕ СО АСОВИ

Голем придонес во напредокот на шаховското поле придонесе и двегодишниот период (1986-1988) кога Димоски настапуваше за белградски Партизан. Таму имаше шанса да тренира со светски познатите шаховски имиња, како што беа Борислав Ивков, кој многу години порано беше светски младински првак, и Милан Матуловиќ, кој во тој период беше еден од најсилните светски играчи.
– Ми беше чест да бидам во ова друштво на великани од кои навистина многу можеше да се научи. Посебно бев ангажиран околу анализата на партиите, па така, токму на овој план најмногу се дружев со Матуловиќ, кој беше многу интересен и како човек. Мене често ме викаше Димче! Инаку, со него имавме долготрајни анализи на партиите, што мене како млад играч добро ми доаѓаше. Се сеќавам на еден момент, кој најдобро го отсликува и карактерот на Матуљко. Имено, кога прекина една партија и му „гореше“ под нозе, зашто требаше да освои многу значаен поен, тој ме повика и ми рече: „Димче остави ја партијата, има време, ајде сега малку да прошетаме“. Се изненадив што беше толку ладнокрвен, знаејќи дека го очекува една тешка битка во продолжение на партијата! Но таков беше неговиот карактер, без нервоза ја прифаќаше реалноста, иако можеби длабоко во мислите „шеташе“ по шаховската табла и ги планираше потезите. И ова за мене беше големо искуство, кое подоцна многу го користев во составувањето на екипата на Алкалоид, кога станав нејзин селектор. Ми беше јасно дека за ништо не треба брзање, туку полека и ладнокрвно да се решаваат работите. Така, нормално со моите соработници дојдовме до идејата за составување на онаа позната формација 2+2+2+2, со која Алкалоид во 2016 година беше победник на финалниот турнир за Европскиот клупски куп (ЕКК) во Нови Сад. Формацијата го доби името по тоа што од четири земји имаше по два врвни шахисти – вели Димоски.

ШАРЕНОЛИК СОСТАВ

Сѐ уште се сеќавам на изјавата на Димоски, по освоената титула, кога се одржа пригодна свеченост во хотелот „Парк“ во Скопје.
– Ние не брзавме, верувавме во себе, во спонзорот и целокупното наше опкружување и изготвивме стратегија што требаше да нѐ донесе до саканата цел. Знаевме дека за нас ќе биде успех, ако на завршните турнири за европски клупски првак, не летавме превисоко. Задоволни ќе бевме ако на овие собири до 2010 година се пласираме меѓу првите 15 екипи. Потоа постапно требаше да одиме нагоре, да бидеме меѓу 10-те, потоа некаде меѓу петтото и осмото место, за полека да се пробиеме во првата тројка. Така, во 2015 година веќе како да најавивме дека се подготвуваме за нешто големо. И навистина така беше, следната година, со онаа формација 2+2+2+2, формиравме една силна екипа со по двајца Кинези, Руси, Украинци и македонски шахисти. Но изборот не беше само формален, колку да се рече дека, еве, и ние имаме странци. Напротив, при селекцијата ги имавме предвид сите аспекти и водевме сметка шахистите да бидат стабилни личности, со високи морални, играчки и интелектуални квалитети. За задоволство на сите нас што бевме вклучени во процесот на создавањето на екипата, она што го посакувавме и го поставивме како цел и го остваривме на финалниот турнир во Нови Сад во 2016 година. ШК Алкалоид блесна и стана европски првак. Тоа беа навистина ѕвездени моменти, не само за нашиот клуб туку за целокупната шаховска и воопшто македонска јавност – со задоволство раскажува Димоски.
Сето ова што го кажа Димоски е убава порака за луѓето што се вклучени во другите спортови. Не е само да се соберат имиња туку треба да се одберат оние што навистина вредат и ќе може да го подигнат квалитетот на екипата. Исто така, треба да се има и визија за желбите во иднина, а и трпение, оти набрзина тешко се доаѓа до посакуваната цел.

– Иако ја имаме освоено европската шаховска круна, ние не застанавме тука. Напротив, стручниот тим во кој е и легендарната шахистка Лидија Софревска-Андонова и натаму ангажирано работи. Се разбира со голема поддршка од првиот човек на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, и настојува да го одржи високото ниво што го има клубот во светски размери. Впрочем, Алкалоид и по освоената титула бележи добри резултати на финалните турнири за европски клупски првак. По Нови Сад освои второ, трето, четврто место, а во 2021 година го делеше осмото место. Сите овие пласмани гарантираат натамошен успешен од на Алкалоид на европската шаховска сцена – појаснува Димоски.
Но според зборовите на Никола Димоски, клубот мисли и за својата иднина. За таа цел низ Македонија се отворени шаховски школи во кои со младите вљубеници во древната игра работат сите велемајстори, кои својата егзистенција ја најдоа во ШК Алкалоид. Ова е навистина за поздравување, оти само така без импровизации може да се постигнат високи спортски, во случајов, шаховски резултати.