Арсовски (десно) против Гркот Велис

Македонскиот боксер стигна до медалот победувајќи ги Словакот Матуш Јаницек и Гркот Ремус Велис

БОКС – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МЛАДИНЦИ

Македонскиот боксер Петар Арсовски (категорија до 54 кг) се закити со бронзен медал на Европското младинско првенство (ЕП) во Софија, Бугарија, што претставува голем успех за македонскиот бокс воопшто. Арсовски во полуфиналната борба загуби од домашниот претставник Љубослав Методиев, со одлука на судиите 0-5 (30-27, 29-28, 30-26, 30-27, 30-27), со што не успеа да се пласира во финалето.
Во конкуренција на повеќе од 400 боксер(ки)и од 39 држави, талентираниот Арсовски стигна до медалот откако во осминафиналето го совлада во Словакот Матуш Јаницек со 3-2, а во четврт-финалето убедливо со 5-0 беше подобар од Гркот Ремус Велис.
Првиот медал, и тоа бронзен, за Македонија е освоен од Примислав Димовски на ЕП за кадети во Турција во 1995 година. Во истата конкуренција на ЕП во Битола во 1997 година, Македонија освои три медали. Со злато се закити Фатон Салиху, додека Дарко Чатлeски и Денис Георгиевски освоија бронзи. Во 2020 година, Ардијан Аземи на ЕП за младинци во Будва го освои бронзениот медал.
Подоцна, пак, на сениорските европски првенства во Истанбул во 2006 година и во Ливерпул 2008 година, истакнатиот македонски репрезентативец Вели Мумин освои бронзени медали.