За Георгиевски тоа е втор медал од медитерански игри (пред четири години освои сребро), а вкупно трет за Македонија од Игрите во Оран (злато освои Нуров, а бронза Егоров, двајцата во борење)

Македонскиот таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри во Токио лани, Дејан Георгиевски, го освои бронзениот медал на Медитеранските игри (МИ) во Оран (Алжир). Тој не настапи на дуелот со Мароканецот Ајуб Басел за влез во финалето, поради стомачен вирус. Тоа е втор медал за Георгиевски од МИ, откако на минатите Игри во Тарагона (Шпанија) во 2018 година го освои сребрениот медал. Македонија на МИ во Оран досега освои три медала, едно злато (борачот Магомедгаџи Нуров) и две бронзи (борачот Владимир Егоров и таеквондистот Дејан Георгиевски).
Атлетичарот Дарио Ивановски продолжува со своите добри настапи. На МИ во трката на 5.000 метри постави нов македонски рекорд со време 13:54,58 минути, со што го освои осмото место во финалето, во кое учествуваа 12 атлетичари. Стариот рекорд изнесуваше 13:56,54 минути. Со тоа Ивановски седми пат сезонава, а 27. пат вкупно соборува македонски рекорд во девет различни дисциплини. Тој е атлетичарот што и понатаму држи најмногу рекорди во Македонија во атлетиката, вкупно девет, и тоа на 1.000 м на отворено (2:28.04 минути), 1.500 м во сала (3:44,98), 3.000 м (7:58,48), 3.000 м отворено (8:06,66), 5.000 м на отворено (13:54,58), 10.000 м на пат (29:44), 10.000 м (30:04,66), полумаратон (1:04,54 час) и маратон (2:18,12 часа). Г.И.; Л.Д.