Фото: Тенисворлд

Осумкратниот гранслем шампион и поранешен тренер на Новак Ѓоковиќ, Борис Бекер, го повика најдобриот светски тенисер да попушти и да се вакцинира против ковид-19, за да може без проблем да ја продолжи тениската кариера и да постави нов рекорд.

Бекер му беше тренер на Ѓоковиќ три години. Германецот останува близок со светскиот број еден и во колумната за „Дејли мејл“ ги сподели своите мислења за ситуацијата во која се наоѓа Ѓоковиќ откако му беше забранет влез во Австралија.

– Овој пат мислам дека прави голема грешка што не се вакцинира. Тоа му се заканува во остатокот од кариерата и може да го чини шанса да се зацврсти како најдобар тенисер во историјата. Четири пати седев во неговиот бокс на Австралија опен и свесен сум за неговата голема сила и духот за натпреварување и го знам неговиот голем карактер, кој честопати погрешно го сфаќаат. Меѓутоа, оваа сила понекогаш е слабост. Истата неверојатна посветеност со која победува во толку тесни мечеви, може да биде ранливост поради твдоглавоста. Знам дека има силна волја, многу цврсти уверувања, но ако не се вакцинира за 10 години ќе погледне наназад и ќе сфати дека направил грешка. Не е само за Австралија. Тоа се правилата и без разлика дали му се допаѓаат мора да ги прифати. На 34 години нема многу време да ги брка своите цели. Како некој кој ми е многу мил, знам дека страда. Ќе биде шокиран од однесувањето, со јадење под врата. Уште поболно, тоа е во Австралија, каде што најмногу сака да игра, на тој стадион – пишува Бекер.