Одиме дотаму што мислиме дека можеме да влијаеме на начинот на кој се градат митовите и сакаме да ги разоткриеме. Идејата е да земеме сѐ од почеток и да се погрижиме да ја изградиме патеката, на ист начин како што ја изградивме за мажите. Жените никогаш не добија соодветен тренинг, опкружување, поддршка од раководните тела, за да стигнат таму и затоа никогаш не се случи тоа, вели директорот на тимот, Роси

Тимот Алпин во Формула 1 има цел да открие конкурентна возачка во рок од осум години, пишува „Би-би-си“. Францускиот производител на автомобили сака да ги „разбие митовите“ за жените во Ф1 како дел од пошироката програма за разновидност во Ф1-тимот и во компанијата. Извршниот директор на Алпин, Лоран Роси, рече дека Формула 1 е „тешка“ и бара „посебни капацитети и способности“.
– Нема шанси жените да не го постигнат тоа – додаде тој.
Иницијативата на тимот ќе им даде на девојчињата и момчињата на возраст од 10 исти можности да напредуваат во мотоспортот сѐ до Ф1.
– Тоа е долг пат, осумгодишна програма, почнувајќи сега – рече Роси, додавајќи дека првите идентификувани девојки ќе почнат со картинг „во следните неколку недели“.
Компанијата почнува истражувачки програми за целосно разбирање на физичките, когнитивните и емоционалните барања на возач во Ф1, во партнерство со академски тела, вклучувајќи го и Парискиот институт за мозок, пишува „Би-би-си“. На актуелните возачи на тимот, Фернандо Алонсо и Естебан Окон, ќе им се направат физиолошки и психолошки процени за да дадат примери за потребните карактеристики. Резултатите од студиите ќе бидат внесени во програмата за да се усовршат тренинзите и за развој на аспирантите возачи.

– Одиме дотаму што мислиме дека можеме да влијаеме на начинот на кој се градат митовите и сакаме да ги разоткриеме. Идејата е да земеме сѐ од почеток и да се погрижиме да ја изградиме патеката, на ист начин како што ја изградивме за мажите. Убеден сум дека со тоа ќе ја умножиме веројатноста жените да постигнат – вели Роси.
Роси рече дека програмата ќе ја обезбеди потребната поддршка што им недостигаше на женските возачи во минатото.
– Тие никогаш не добија соодветен тренинг, опкружување, поддршка од раководните тела, потенцијално засегнатите страни, за да стигнат таму и затоа никогаш не се случи тоа. Има жени што пилотираат млазни борбени авиони, жени што полетуваат со ракети и стануваат астронаути, а би можеле да возат Формула 1, сигурен сум во тоа. Тоа е само прашање на обезбедување вистинската средина. Тоа е исто како промена на перспективата и предрасудите, во основа уништување на тие предрасуди – рече Роси.
Само две жени, двете Италијанки, почнаа трки во Ф1. Марија Тереза де Филипис се тркала пет пати во 1950-тите, а Лела Ломбарди учествувала на 12 трки во 1970-тите и таа е единствената жена што освоила поени, за шестото место на скратената трка во Шпанија, во 1975 година, пишува „Би-би-си“.