Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, веднаш по велигденските празници на електронска седница на ИО на ЏФМ ќе поднесе предлог-иницијатива за еднократна помош за сите џудо-клубови, во висина од 14.500 денари

Во ова време на предизвици и постење на пандемија на коронавирусот, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) планира да преземе соодветни мерки за да им излезе пресрет на клубовите, членки на федерацијата. Претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, веднаш по велигденските празници на електронска седница на ИО на ЏФМ ќе поднесе предлог-иницијатива за еднократна помош за сите џудо-клубови, во висина од 14.500 денари. Финансиските средства ќе се обезбедат од буџетот на ЏФМ, се вели во соопштението на Федерацијата.

– ЏФМ официјално достави информација до Агенцијата за млади и спорт дека нема да поднесе барање за добивање помош од причини што во моментот располага со доволно финансиски средства за нормално функционирање и претпочита дека тие средства е подобро да бидат насочени таму каде што има поголема потреба во моментов. ЏФМ сака да испрати силна порака за поддршка на сите погодени од оваа моментна состојба и апелира сите да постапуваат во согласност со препораките на надлежните институции. На крајот, од името на сите џудисти, тренери и спортски работници сакаме да испратиме порака до граѓаните на нашата земја со желби за добро здравје, силен дух и заедно да го победиме ова зло – пишува во соопштението на ЏФМ.

Во зависност од состојбите и времетраењето на кризата, Трпаноски најави и нови предлози за помош за џудо-клубовите, за да добијат поддршка во овој тежок период.