Пелистер беше голем предизвик кај Спировски да се роди љубовта кон планината и скијањето. Во долгата кариера, покрај другите победи и освоени титули во Македонија, Спировски има по шест победи на некогаш престижните традиционални приредби: Пелистерскиот велеслалом, меморијалот „Биро“ во Крушево и „Чанак-Флејта“ на Попова Шапка. Тој е еден од носителите на олимпиското знаме на ЗОИ во Сараево во 1984 година

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (189)

Љубителите на спортот можеби ќе се изненадат кога ќе ги потсетам оти скијачкиот клуб Пелистер од Битола даде тројца учесници на Зимските олимписки игри. Прва што го проби мразот и го отвори патот кон елитата беше Весна Дунимаглоска (Албервил, во 1992 година), потоа на најголемата светска приредба учествуваа Александар Стојановски (Нагано, 1998 г.) и Ѓорѓи Марковски (Торино, 2006 г.). Тоа што оваа олимписка тројка имаше можност да се натпреварува со најелитните светски скијачи пред сѐ се должи на традицијата и прашање на време беше кога некој од битолските скијачи ќе стигне до најзначајната спортска приредба. Инаку, љубовта на битолчани кон планината, а со тоа и кон скијањето, е голема. Самиот факт што тука, над „главата“, им е Пелистер е доволна причина тоа да биде така. Тој отсекогаш ги предизвикувал и ги мамел да одат во неговите прегратки и да им се восхитуваат на волшебната убавина и прекрасните молики, но и да земат скии и да ја почувствуваат убавината на овој спорт.
– Таа љубов кон планината, особено Пелистер, ми стана просто опсесија. Благодарение на моите родители, особено на татко ми Спирко, кој во своето време бил скијач, заедно со Симјановски и вљубеникот во скијањето и планината Гентовски, кај мене се роди голема љубов кон скијачкиот спорт. Немаше викенд, во тогаш долгите и богати со снег зими, со родителите да не одиме на Пелистер. Од моите детски години датира љубовта кон белиот спорт, во кој ја поминав целата младост, почнувајќи од 1960 до 1985 година од минатиот век. Интересно е дека две години пред да ја напуштам патеката на меморијалот „Биро“ во Крушево ја извојував шестата победа. Од овој настап се сеќавам на зборовите на еден повозрасен човек, кој по натпреварот, покажувајќи кон мене, на младите скијачи им рече: „Погледнете, може татко да ви биде, а ве победува, засрамете се“.

По прекинувањето на активното скијање работев како тренер, а бев функционер во форумите на Македонската скијачка федерација, во која еден период бев и претседател. За да не се прекине семејната скијачка лоза, потоа и двете мои ќерки почнаа да се натпреваруваат и да постигнуваат добри резултати – ја почнува приказната за својата кариера еден од најдобрите македонски алпски скијачи Љупчо Спировски.

РЕКОРДЕР ВО ПОБЕДИ НА ПЕЛИСТЕР, КРУШЕВО И НА ШАПКА

Вака ја почна својата приказна дипломираниот правник, поранешен повеќекратен македонски првак во алпско скијање Љупчо Спировски. Тој и денес со голем ентузијазам и страст зборува за минатите времиња, кога беше вистински господар на патеките на Пелистер, Крушево и на Попова Шапка. А дека навистина беше така потврдува и фактот што на традиционалните приредби, Пелистерскиот велеслалом кај месноста Копанки, меморијалот „Биро“ на патеката над Крушево под жичницата и на патеките Орлова и Езерино на Попова Шапка на меморијалот „Чанак-Флејта“, што е вистински куриозитет, победуваше дури по шест пати. Ваков биланс немаше ниту еден друг македонски скијач. Тоа му успеа само на Спировски, што од друга страна говори колку тој беше квалитетен и во еден подолг период несовладлив на македонските простори.
– Немојте да мислите оти конкуренцијата беше слаба. Напротив, имав многу квалитетни противници. Во оваа пригода да ги споменам Сашо Панов, кој беше постар од мене, Тошо Маја, Андон Кечевски, со кого како надежни скијачи бевме во олимпискиот камп во Гренобл во 1968 година, потоа браќата Оџаклиевски, токму во чест на најстариот Ставре, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа се одржуваше и меморијалот „Биро“, Лесевски, Мартиновски, Матовски, Настевски, Мемети. Сите тие беа квалитетни и секој од нив можеше да биде победник. Но, ете, во таа силна конкуренција јас успевав да бидам рекордер според бројот на победите на трите најзначајни наши приредби – продолжува Спировски.

Кога се сеќава на тие мигови на триумф, Спировски не заборава да каже дека се чувствувал многу гордо. За него се пишуваше во весниците, се зборуваше на радио и на телевизија, со еден збор стана популарен во спортскиот свет.
– Тоа беше едно поинакво време, во кое му се придаваше многу поголемо внимание на скијањето одошто е тоа денес. Се сеќавам само колку многу интервјуа имав на Радио Битола и на Радио Скопје со познатиот битолски новинар и хроничар на спортот во нашиот град Димче Миновски. И тој имаше голема заслуга не само за мојата туку и за популарноста на сите битолски спортисти, меѓу кои во моето време голема ѕвезда беше и атлетичарката Вера Велјановска. Двајцата, со уште неколкумина од екипните спортови и од боксот, секоја година конкуриравме за приматот кој ќе биде најдобриот спортист во градот. Тоа беше убаво време, исполнето со онаа вистинска љубов кон спортот, време во кое се регистрираа сите наши постигнувања, а приредбите на кои се прогласуваа најдобрите битолски спортисти беа, би рекол, спектакуларни, одржувани пред голем број гледачи – вели Спировски.

ВО МАВРОВО, ШЕСТИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Да се биде во која и да е алпска дисциплина меѓу најдобрите десет во поранешната држава, во која доминираа Словенците, беше голема работа. Затоа шестото место на Спировски во алпска комбинација на шампионатот на Југославија во Маврово во 1975 година, за македонското скијање претставуваше голем успех.
– Навистина беше многу тешко да се „разбијат“ Словенците и некој од другите републики на Југославија да се провре во „десетката“. Јас успеав во тоа и затоа бев пресреќен. Инаку, дотогаш само легендарниот Рефик Јахја им конкурираше на Словенците. Подоцна, освен мене, ниту еден наш скијач не успеа да избори толку висок пласман додека постоеше Југославија. Во ерата на распадот на поранешната држава и во отсуство на словенечките скијачки, само битолчанката Весна Дунимаглоска беше меѓу најдобрите и така стана првата Македонка учесничка на Зимските олимписки игри во 1992 година, со што ние битолчаните особено се гордеевме – вели Спировски.
Инаку, во долгогодишната кариера Љупчо Спировски имаше многу настапи речиси во сите скијачки центри на Балканот. Од тоа време датира и неговото пријателство, кое трае до денес, со познатите словенечки скијачи и шампиони на поранешна Југославија, Јакопиќ, Гашпаршиќ и Газвода. Практично тие го отворија патот на Словенците во елитата. Тие беа претходница на Бојан Крижај, кој победуваше во слаломските трки за Светскиот куп, и на Јуре Франко, кој на ЗОИ во Сараево беше втор во велеслаломот.

– Кога зборуваме за оваа Олимпијада, на свеченото отворање, јас со уште седуммина истакнати југословенски спортисти ја имав честа да го носам олимпиското знаме до почесниот јарбол на кој се виореше во текот на олимписките денови. Во тие моменти почувствував дека и јас сум постигнал нешто големо во скијачкиот спорт. Навистина тоа беа моменти за незаборав, кои секогаш ќе останат врежани во мојата меморија – вели тој.
Љупчо Спировски ги памети и традиционалните тримечови меѓу репрезентациите на Македонија, Србија и на Црна Гора, на кои често триумфираше во сите алпски дисциплини.
– Тоа беа интересни натпревари, по кои знаевме и да запееме. Тогаш, ми се чини, животот беше многу различен од денешниот. Денес секој брза по нешто и секогаш е во цајтнот со времето, додека во тие години се живееше помирно, работите се одвиваа спонтано, а планината само го дополнуваше тој мир. Зимската идила, белите планински пејзажи, тоа беше она што нѐ исполнуваше. Кога, пак, ќе завршеа натпреварите и ќе се вратевме во своите домови, секој беше преокупиран со секојдневните обврски, во кои приоритет имаше учењето. За крај да кажам дека сите мои другари од тие скијачки години завршија факултет, а потоа секој тргна на своја страна. Но тоа не значи дека не се собираме и денес и не евоцираме спомени од убавото минато – се сеќава на тоа време Љупчо Спировски.


ЉУПЧО СПИРОВСКИ

Роден: во 1950 година во Битола
Кариера: скијачки клуб Пелистер, репрезентација на Македонија, еден од осумтемина носители на олимпиското знаме на Олимпијадата во Сараево во 1984 година
Успеси: по шест пати победник на Пелистерскиот велеслалом, меморијалите „Биро“ во Крушево и „Чанак-Флејта“ на Попова Шапка, повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Македонија, неколкупати победник на тримечовите Македонија – Србија – Црна Гора, шесто место во алпска комбинација во Југославија во 1975 година