Љубомир Травица ќе ја предводи машката одбојкарска репрезентација на Македонија во натпреварите во т.н. сребрена Европска лига, како и во квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2019 година.

Останува отворено кој селектор – тренер ќе ја предводи репрезентацијата на Македонија на Медитеранските игри (МИ) во Тарагона, Шпанија, од 22 јуни до 1 јули годинава.

Травица (64) своевремно има настапувано за Младост Загреб и за повеќе италијански тимови, како Модена, Падова и други. Беше член и на одбојкарската репрезентација на СФР Југославија на Летните олимписки игри (ЛОИ) 1980 година во Москва, во која беа и тројца македонски одбојкари, Владимир Богоевски, Александар Тасевски и Горан Србиновски.

Како тренер Травица бил на клупата на Младост и на неколку италијански, грчки и полски клубови.

Во Европската лига Македонија е во групата А со Австрија, Летонија и Косово, а натпреварите ќе се играат во мај и во јуни, дома и на гости. Скопје и Македонија ќе бидат домаќини на завршниот фајнал-фор турнир, на 15 и 16 јуни.

Квалификаците за ЕП ќе се играат од август 2018 до јануари 2019-та, а Македонија е во групата Ф, со Украина, Унгарија и Швајцарија. Л.Д.