Покрај Барса, каде што просечната плата годинава била 12,8 милиони долари, втор одново е Реал, со 11,6 милиони, а скок на третото место (од 10-то за 2018 година) направи Јувентус, со 10,54 милиони

Фудбалерите на шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид и на италијанскиот Јувентус се најдобро платените спортисти во светски рамки, утврдено е при истражувањето за глобалните плати во спортот во 2019 година, спроведено од интернет-страницата „Спорт интелиџенс“.

Во 10-то истражување на оваа тема се наведува дека во Барселона просечната плата на играч на првиот тим изнесува 12,8 милиони долари. Таа сума е нешто помала во однос на минатата година, кога во Барселона просечната плата била 13,7 милиони долари. Највисока плата имал Лионел Меси, над 65 милиони.

Реал се задржа на второто место според платите, со просек од 11,6 милиони долари, а Јувентус, 10-ти на оваа листа во 2018-та, е на третото место, со 10,54 милиони долари. Од другите фудбалски тимови, меѓу првите 20 се францускиот ПСЖ, 12-ти, и првакот на Англија, Манчестер сити, 13-ти. Овие бројки ја претставуваат основната годишна плата и во неа не се вклучени бонуси за настапи, трофеи, голови и друго.
Екипи од американската кошаркарска НБА-лига ги пополнуваат преостанатите седум места во првите 10 и заземаат 15 меѓу 20-те места на листата. Во 2017 година први три екипи во ова истражување беа Оклахома тандер, Кливленд кавалирс и Голден Стејт вориорс, а во 2018-та трите НБА-екипи го надминаа просечниот платен плафон од 10 милиони долари по играч.

Годинава Портланд трејлблејзерс е на четвртото место според платите, со 10,4 милиони долари. Голден Стејт е на петтото место, со 10,28 милиони, а Оклахома сити падна на шестото место, со 9,83 милиони долари. Меѓу екипите рангирани од 21-то до 30-то место годинава, девет се од НБА, на кои им се придружува бундеслигашот, Баерн, на 22-то место.

Јувентус беше на 32-то место во 2017 година, но скокна на 10-то место лани, со ангажирањето на Кристијано Роналдо и на други играчи по високи цени. Четири од петте најголеми падови забележаа екипите на американската бејзбол-лига (МЛБ). Њујорк јенкис беше највисоко рангиран во инаугуративната анкета во 2012 година.