Ставре Јада

Победник на двете трки, на 10 км, кај мажите беше Романецот Петрика Хоџу, а во женска конкуренција доминираше Хрватката Ведрана Малец

Четврто и осмо место за најдобриот македонски нордиски скијач Ставре Јада на 57. Мавровски меморијал, на двете трки на 10 км, во рамките на Балкан-купот, на падините на Бистра во Маврово. Романецот Петрика Хоџу беше најбрз на двете трки, а зад него, второ и трето место освои Босанецот, Страхиња Ериќ.
– Не сум задоволен од моите настапи и од пласманите на Меморијалот. Една од причините за тоа беше заморот по напорните трки во биатлон во последно време, како и мекиот снег на патеката, особено за скијачите што не стартуваа меѓу првите – вели Јада.

Во женска конкуренција доминираше Хрватката Ведрана Малец, која победи на двете трки на 5 км. Кај македонските скијачки најдобар пласман забележа Михаела Данеска, на 10-то место.
– Јада можеше и подобро, за малку не беше трет на првата трка, на втората го стигна заморот по многуте трки сезонава. Организациски сѐ мина во најдобар ред, имавме проблеми со снегот и со топлото време, но успеавме да се справиме со тоа – изјави селекторот и тренер на македонските нордијци, Ѓоко Динески.

По Меморијалот, за Јада и за другите македонски нордијци нема одмор. Тие утре заминуваат за БиХ, каде што наредните денови ги очекуваат неколку трки.
– Во БиХ се закажани четири трки, но најверојатно на некои од нив нема да настапиме. Потоа се делиме на две групи, одиме на различни натпреварувања. Јада ќе настапи во биатлонските трки на Светскиот куп (СК) во Нове Место, Чешка (5-7 март) ,што ќе биде последна проверка пред настапот на Европското првенство (ЕП) за јуниори во Хохфилцен, Австрија (9-15 март). Таму, покрај Јада, би требало да настапат уште неколкумина македонски претставници – вели Динески.

Мавровскиот меморијал во скијачко трчање се одржува во чест и во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14-те граничари што ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година.