Македонската тенисерка Лина Ѓорческа загуби во финалето на турнирот на тврда подлога во Трнава (Словачка) за награден фонд од 25.000 долари, од Софија Лансере од Русија, со 2-6, 3-6.

Ова беше одличен настап на турнирот на Ѓорческа, која до финалето стигна откако прво играше две квалификациски кола. По тие почетни два тирумфа, Ѓорческа забележа уште четири победи, само со еден загубен сет, во осминафиналето. Ѓорческа на турнирот во Трнава настапуваше и во двојки, заедно со Ирина Хромачева од Русија, со која се пласира во полуфиналето.

Пред почетокот на турнирот во Словачка, Ѓорческа беше на 400-то место на поединечната листа на листата на ВТА, а на рангирањето во двојки беше на 211-та позиција.
Со високите пласмани на турнирот во Трнава таа освои нови бодови, со кои е можен напредок на двете листи, чии нови изданија треба да бидат објавени денеска. Ѓорческа досега освои 52 титули, од тоа 11 во поединечна конкуренција и 41 во двојки.