Македонската тенисерка Лина Ѓорческа за седум дена освои два трофеја. Таа славеше вчера на турнирот во Анталија (Турција), каде што го освои трофејот и една недела претходно. Во десетте победи во низа на двата турнира, Ѓорческа загуби само три сета.

Минатата недела таа беше прва носителка на турнирот во Анталија и во финалето вчера ја победи Орпана од Финска со 2-1 во сетови (6-4, 6-7 и 6-1). Тоа е 11-от трофеј на Ѓорческа во поединечна конкуренција, а вкупно има 52 (таа освои 41 трофеј во игра на двојки).

Турнирите во Анталија се играа за награден фонд од по 15.000 долари, на терени со тврда подлога. Можен е напредок на Ѓорческа на листата на ВТА за десетина места (според специјализираните интернет-страници за формирање листа во живо).