Среќна сум поради победата на турнирот во Анталија, сега ме чека нов турнир, се надевам повторно на добри игри и резултати, вели Ѓорческа, која во неделата го освои 10-от трофеј во кариерата, прв на тврда подлога, а од денеска ќе биде прва носителка на нов турнир во Анталија

Среќна сум поради победата на турнирот во Анталија, прва во поединечна конкуренција по подолга, повеќе од двегодишна пауза. Помина доста време оттогаш. Задоволна сум, сѐ беше во најдобар ред, иако на крајот почувствував мали болки во рамото што најверојатно се должеше на двата меча што ги играв во еден ден (во неделата, полуфинале и финале – н.з.) и паузите помеѓу нив. Но имав доволно време да се одморам, сега ме чека нов турнир, нов меч, се надевам повторно на добри игри и на добри резултати, ни изјави најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа, по триумфот на турнирот на тврда подлога во Анталија, игран за награден фонд од 15.000 долари.

Неделава на истата локација, во улога на прва фаворитка, Ѓорческа (од вчера 435-та на ранг-листата на ВТА, напредок за едно место во однос на минатата недела) ќе игра на идентичен турнир. Нејзина противничка во првото коло, денеска, ќе ѝ биде 16-годишната Сафо Сакелариди од Грција (на 1.087-то место на ВТА-листата).
Според информациите, по овој турнир во Анталија ќе следува мал одмор за Ѓорческа, по што продолжува со тренинзите и со подготовките за мечевите во 2020 година. Отпаѓа настапот во квалификациите на првиот гранслем-турнир во 2020-та, на Австралија опен, во Мелбурн и, како што стојат работите сега, првите мечеви Ѓорческа би ги играла кон крајот на јануари, во сала, на тврда подлога, во Европа, во градови и на турнири што засега не се утврдени.

Во неделата во Анталија, Ѓорческа го освои 10-от турнир во кариерата во поединечна конкуренција (прв годинава, покрај петте во двојки и прв на тврда подлога во кариерата), по пауза од речиси две и пол години (го освои турнирот во Денаин, Франција, во јули 2017-та). Вкупно во кариерата таа досега освои 51 трофеј (41 во игра на двојки).