Најдобрите македонски одбојкари веќе трета недела тренираат во Маврово за деби-настапот на ЕП во септември годинава во Словенија

Трета недела по ред најдобрите одбојкари на Македонија, со несмален, жесток интензитет, со по два тренинга дневно, во Маврово ја одработуваат втората фаза од подготовките за деби-настапот на Европското првенство (ЕП). Македонија е во групата Ц, во Љубљана, заедно со домаќинот Словенија, со актуелниот европски првак Русија, Турција, Финска и со Белорусија.

Првиот противник на Македонија на ЕП ќе ѝ биде Финска, на 12 септември.
– Многу е напорно, ова се едни од најтешките, најобемни и најсодржајни подготовки од 2005-та, откако сум јас во репрезентацијата, но нема проблеми, ќе се издржи сево ова. Имаме одлични услови тука, тренираме по двапати дневно, во сала и во вежбалница, главниот акцент е на физичката подготовка, но не се занемарени и тренинзите во сала, со топка. Работиме на некои тактички финеси, на поставеноста на теренот, во напад, во одбрана, поставување трет блок и слично – вели во телефонското јавување од Маврово, капитенот и лидер на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев.
На подготовките во Маврово на селекторот Никола Матијашевиќ му помагаат
Србинот Ратко Павличевиќ и тренерот за физичка подготовка, Французинот Рејналд Чоке.

– Двајцата ни се од огромна помош, одлични тренери се, секој во својот делокруг од работа, мислам дека со нив ќе бидеме подобри во секој поглед, како индивидуално, така и тимски. Нема попуштање, немаме слободни денови, тренираме максимално ангажирано, атмосферата е одлична. Од вчера ни се придружија Александар Милков, кој ја санира повредата на коленото, и Ѓорѓи Ѓоргиев, кој беше на неколкудневна поштеда поради проблеми со стомачните мускули и јас се надевам дека наредните денови тие ќе почнат да тренираат со максимално оптоварување. Сѐ што посакувам е да нѐ одминат повредите, друго сѐ ќе си дојде на свое. Во Маврово остануваме до 15 август, потоа ќе следуваат контролните натпревари, уигрување, анализа на ривалите на ЕП и сѐ по ред – истакнува Ѓоргиев.

Македонија првпат во историјата ќе настапи на едно големо одбојкарско натпреварување, на ЕП (од 13 до 29 септември), кое првпат ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и во Словенија, и на кое првпат ќе настапат 24 репрезентации.