Никола Ѓоргиев

Во квалификациската група Ц, Македонија е со Турција, Данска и со БиХ, а натпреварите ќе се играат од 15 август до 5 септември

Македонската машка одбојкарска репрезентација ќе игра во квалификациската група Ц, со Турција, Данска и со БиХ, за пласман на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, кое повторно ќе се одржи во четири земји, Полска, Чешка, Естонија и во Финска.

– Би рекол добра група, противници по мера, со кои може да се надигруваме и да ги победиме, дома и на гости. Секако, фаворит број 1 е Турција, квалитетна репрезентација, со која игравме и загубивме лани на ЕП во Љубљана. Но и тие не се непобедливи, барем на домашен терен. Со Данска досега добро минувавме, колку што знам не играат во Европската лига годинава, што може, а и не мора да биде некаков хендикеп. За БиХ засега немам никакви информации, но и тие не играат Европска лига. Распоредот ни оди во прилог, гостуваме во БиХ, потоа ги пречекуваме Турција и Данска. Како и да е, мислам дека сѐ ќе зависи од нас самите. Доколку бидеме комплетни, ако добро се подготвиме и повредите нѐ заобиколат, ќе биде сѐ в ред и повторно ќе се квалификуваме во завршницата на ЕП 2012 – оптимист е капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓоргиев.

Натпреварите ќе се играат во периодот од 15 август до 5 септември, според принципот секој со секого, дома и на гости. Пласман на завршниот турнир, на кој повторно ќе учествуваат 24 репрезентации, ќе обезбедат најдобрите од седумте групи, плус петте второпласирани со најдобар скор. Преостанатите 12 места се резервирани за осумте најдобри од ЕП 2019, за првакот Србија, Словенија, Франција, Русија, Италија, Украина, Германија и Белгија, плус четирите земји ко-домаќини.

Македонија се претстави во одлично издание на деби-настапот на ЕП 2019 и го освои 17-то место. Во групата Ц во Љубљана, Македонија забележа две победи, над Белорусија и над вицепрвакот Словенија, со по 3-1, а загуби од Русија (0-3), Турција (0-3) и Финска (1-3).