Светскиот рекет број 1, Србинот Новак Ѓoковиќ, го потврди своето учество на годинашниот гранслем-турнир САД опен, кој треба да започне на 31 август.
На својот инстаграм-профил, Ѓоковиќ објави дека следната недела ќе учествува на Западниот и Јужниот опен-турнир, кој ќе се игра во комплексот „Флешинг Медоус“ од 22 до 28 август, по што ќе следува настапот на САД опен. И двата турнира ќе се играат без публика.

– Не беше лесна одлуката, со оглед на сите пречки и предизвици со кои се соочуваме изминативе неколку месеци, но јас сум возбуден поради можноста повторно да се појавам таму. Се гледаме наскоро во Њујорк – напиша 33-годишниот Ѓоковиќ на својот инстаграм-профил.

Опасноста од коронавирусот натера дел од тенисери да се откажат од своите настапи. Меѓу нив се Шпанецот Рафаел Надал и светскиот рекет број 1 во женска конкуренција, Австралијката Ешли Барти, потоа Швајцарците, Роџер Федерер и Станислав Вавринка и многу други истакнати тенисери и тенисерки.