Новак Ѓоковиќ

ТЕНИС – ПОЧНУВА САД ОПЕН

Со триумф на САД опен, Ѓоковиќ ќе стане рекордер според бројот на гранслем-титули и ќе стане само вториот тенисер што во т.н. опен ера победил на сите четири гранслем-турнири во една година

Светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ ќе биде во центарот на вниманието на гранслем-турнирот САД опен, од денеска до 12 септември во Њујорк, бидејќи се обидува да ја освои историската, рекордна 21. гранслем титула (по 20 имаат тој, Роже Федерер и Рафаел Надал), а со тоа да ги освои сите четири најголеми турнири годинава. Женскиот светскиот рекет број еден, Ешли Барти, се смета за прв фаворит за освојување на САД опен, иако бранителката на титулата Наоми Осака има цел да го освои трофејот третпат во претходните четири години.
Поради повреди, Серена Вилијамс, Федерер и Надал првпат од 1997 година сите тројца ќе го пропуштат тенискиот настан во Њујорк. Поради пандемијата на коронавирусот, минатата година турнирот се одигра без публика, а годинава на гледачите ќе им се бара да покажат доказ за вакцинација. Тенисерите ќе бидат редовно тестирани за коронавирус, но нема да бидат во карантин, што значи дека можат слободно да шетаат низ градот кога и да посакаат.

По освојувањето годинава на Австралија опен, Ролан Гарос и на Вимблдон, четврта победа на САД опен, на Ѓоковиќ ќе му овозможи да влезе во елитниот клуб на тенисери. Само пет тенисери претходно ги имаат освоено сите четири гранслем-турнири во иста година, со тоа што австралискиот великан Род Лејвер е единствениот што го оствари тој подвиг двапати и единствен со таков успех во т.н. опен ера (од 1969 година, од кога на професионалците им било дозволено да играат).