Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека е исклучително возбуден поради пласманот во финалето на Ју-Ес опен, но пред натпреварот смета дека е најважно да ги контролира емоциите.

Ѓоковиќ во полуфиналето го совлада јапонскиот тенисер Кеи Нишикори, а во борбата за трофејот ќе се соочи со Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро.

– Навистина сум возбуден од она што ме чека во недела. Во моментов најважна работа е да ги контролирам емоциите. Освен што сме професионални спортисти, ние сме и човечки суштества и затоа е потребно да се справиме со емоциите. Воедно мора да учиме од грешките, бидејќи секое искуство е значајно, истакна Ѓоковиќ.

Пред почетокот на турнирот прогнозите беа дека Ѓоковиќ во четвртфиналето ќе се соочи со Роже Федерер, а во финалето ќе игра со Рафаел Надал.

Но поради повредата на десното колено Надал му го предаде полуфиналниот натпревар на Дел Потро.

Ѓоковиќ досега победил на 14 од вкупно 18-те меѓусебни натпревари со Дел Потро.