ТЕНИС – ЛОИ 2020

Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ со победа над Боливиецот Уго Делиен (6-2, 6-2) го почна походот по олимпиското злато, кое недостига во неговата трофејна колекција. Со овој прв триумф на ЛОИ во Токио, Ѓоковиќ повторно ги надмина своите најголеми ривали кога се во прашање рекордите. Тој сега има најголем процент на победи во историјата на тенисот, со ефект од 83,35 отсто, надминувајќи го Шпанецот Рафаел Надал, кој има 83,15 отсто.
Од вкупно 1.164 одиграни меча, Ѓоковиќ славел на 969, а загубил на 195 дуели. Со победата над Делиен, Ѓоковиќ го урна и рекордот на Роже Федерер според процентот на победи на тврда подлога. Швајцарецот имаше процент на победи на тврда подлога од 83,13 отсто, но Ѓоковиќ стигна до ефект од 84,66 отсто, искачувајќи се на врвот во уште една статистичка категорија.
Актуелниот олимписки првак, Британецот Енди Мареј го откажа настапот во поединечна конкуренција на Игрите во Токио, поради проблеми со повреда на бутниот мускул, но ќе продолжи да се натпреварува во конкуренција на двојки. На турнирот за мажи загубија Французинот Гаел Монфис и Канаѓанецот Феликс Агуер Аласиме. Првото коло на тенискиот олимписки турнир донесе елиминација на најдобрата светска тенисерка, Австралијката Ешли Барти, која во првиот дуел загуби од Шпанката Сара Сорибес, со 4-6, 4-6. Во првото коло загубија и Американката Џенифер Бради, Белгијката Елисе Мартенс и Холанѓанката Кики Бертенс.