Мастерсот во Рим ќе ја има улогата на предигра и на загревање за 124-то издание на францускиот гранслем-турнир Ролан Гарос, кој треба да почне в понеделник, во Париз. Мастерсот во Рим има и дополнителна тежина, бидејќи и Ѓоковиќ и Надал имаат по 35 мастерс-титули

По дисквалификацијата од тенискиот гранслем-турнир САД опен, светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, заврте нова страница и од денеска ќе биде дел од 77-то издание на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Рим. Првпат од почетокот на пандемијата на коронавирусот двајцата најдобри светски тенисери во моментов, Ѓоковиќ и Рафаел Надал, ќе учествуваат на ист турнир.
Мастерсот во Рим ќе ја има улогата на предигра и на загревање за 124-то издание на францускиот гранслем-турнир, Ролан Гарос, кој треба да почне в понеделник, во Париз.
Ѓоковиќ е прв носител на турнирот во Рим, а Шпанецот Надал, кој ќе ја брани титулата освоена минатата година, е втор носител. Двајцата најдобри тенисери се наоѓаат на спротивните страни на распоредот, така што можат да се сретнат само во финалето, што би бил нивни шести дуел на мастерс-турнирот во главниот град на Италија.
Шпанецот досега 11 пати играл во финалето на турнирот, а девет пати го подигнал победничкиот пехар. Ѓоковиќ, пак, зад себе има девет финалиња, од кои на четири завршил како победник. Србинот и Шпанецот досега пет пати се сретнале во финалните пресметки во Рим од кои три добил Надал, а Ѓоковиќ славел двапати.
Мастерсот во Рим има и дополнителна тежина, бидејќи и Ѓоковиќ и Надал влегуваат на турнирот со по 35 освоени мастерс-титули (израмнети на првото место на таа статистичка листа).
Во првото коло Ѓоковиќ ќе биде на слободен, а негов прв ривал ќе биде подобриот од дуелот помеѓу Италијанецот Салваторе Карузо и еден од квалификантите. Давид Гофан, Станислас Вавринка, Матео Беретини и Гаел Монфис се наоѓаат во половината од ждрепката на Ѓоковиќ и би можеле да бидат негови ривали на патот кон финалето.
И Надал ќе биде слободен во првото коло, а противник во второто коло ќе му биде Шпанецот Пабло Карен Буста, кој стигна до полуфиналето на САД опен, по дисквалификацијата на Ѓоковиќ.