Многу уникатно искуство е да се биде со најдобрите спортисти во светот, да се набљудува како тие тренираат, како закрепнуваат, што јадат, што мислат за животот, спортот, убаво е да се разменат искуства и знаење, вели Ѓоковиќ, кој е повеќе од подготвен за самослик, за разговори, размена на техники на истегнување со своите колеги спортисти

Во еден момент тој е со гимнастичарките на Белгија. Во следниот разговара со бразилските одбојкари, потоа јаде со мексикански кревач на товар, па разговара со олимпијци од Турција. Врз основа на објавите на социјалните мрежи од неговите први денови во Токио, светскиот тенисер број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ можеби е најпопуларниот човек во Олимпиското село во Токио, пишува „УСА тудеј“. И се чини дека тој е повеќе од подготвен за самослик, за разговори и за размена на техники на истегнување со своите колеги спортисти.
– Ова е фантастично искуство за мене. Одлично е што гледам дека има многу спортисти што ги ценат тенисерите и го следат тенисот. Ние сме тука како претставници на нашата земја и исто така го претставуваме нашиот спорт кога сме меѓу другите спортисти во селото. Многу уникатно искуство е да се биде со најдобрите спортисти во светот, да се набљудува како тие тренираат, како закрепнуваат, што јадат, што мислат за животот, спортот, убаво е да се разменат искуства и знаење. Прекрасно е, многу е забавно – вели Ѓоковиќ.

Она што го прави и го доживува Ѓоковиќ во Токио не е многу различно од искуството на повеќето спортисти кога ќе дојдат на Игрите, но разликата е во тоа што Ѓоковиќ не е кој било спортист. Тој веројатно ќе стане најдобриот тенисер во историјата на таа игра и несомнено е најпознатата личност од светски размери во целото Олимписко село. Во вакви околности, на Ѓоковиќ ќе му беше полесно да го помине своето време затворен во луксузен хотел, каде што може да има приватност. На крајот на краиштата, основната причина што тој е тука е да освои златен медал, покрај трите победи на најголемите турнири годинава, Мелбурн, Париз и Вимблдон, и да стане првиот човек што некогаш го освоил таканаречениот „златен слем“, за што му е потребен триумф и на гранслем-турнирот во Њујорк. Но, врз основа на повеќе од десетина фотографии и видеа што се појавија на Инстаграм и на Твитер во минатите неколку дена, се чини дека станува збор за спротивното. Ѓоковиќ можеби е најдостапната суперѕвезда на Игрите.

И се чини дека навистина ужива во можноста, не само да биде дел од српскиот тим туку да доживее нешто различно од животот на тениската турнеја, каде што играчите и нивните тренерски тимови во голема мера се затскриени едни од други.
– Отсекогаш било така со олимпиското искуство, во Олимпиското село и имав среќа да бидам дел од четвртите Игри. Како индивидуален спортист, нема да доживеете многу на тениските турнеи. Можеби кога сте дел од некое екипно натпреварување, како Дејвис-купот, АТП-купот, но олимписките игри се многу уникатни. Едноставно различни и прекрасни. Уживам во секој момент – вели Ѓоковиќ.