Светскиот рекет број еден освои нови 500 поени со победата во финалето на турнирот во Токио

Светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, по едномесечна пауза поради повреда на рамото триумфално се врати на теренот и во финалето на турнирот во Токио, славеше победа над Австралиецот Џон Милман со 2-0 (6-3, 6-2) во сетови.
По освојувањето на гранслем-турнирите Австралија опен и Вимблдон, како и на мастерс-турнирот во Мадрид, Ѓоковиќ го освои и својот четврти трофеј годинава или вкупно 76-та АТП-титула во кариерата.

До титулата во Токио српскиот тенисер стигна со перфектна игра со која забележа победи над сите свои ривали на патот до тронот со по 2-0 во сетови, и тоа над Австралиецот Алексеј Попирин, Јапонецот Го Соеда, Французинот Лукас Пулие и над Белгиецот Давид Гофин.

Триумфот во Токио на Ѓоковиќ му донесе заработка од 391.430 долари и 500 бода на АТП-листата, на која од денеска ќе ја започне 272-та недела како најдобар тенисер во светот, сега со повеќе од околу 1.100 поени од Рафаел Надал. Ѓоковиќ со новите бодови остана во трка да остане тениски број еден во светот на крајот од годинава, со што рекорден шести пат би остварил таков успех.

Во конкуренција на двојки победата на турнирот во Токио им припадна на Французите Николас Мау и Едуард Роџер-Васелин, кои со 2-0 (9-7, 6-4) во сетови беа подобри од Хрватите, Никола Мектиќ и Франко Шкугор.