За само 45 минути игра екипата на Шутова го совлада својот противник екипата на Лирија, и е на чекор до местата кои водат во доигрувањето во одбојкарското првенство. За супериорноста на домаќините најдобро зборува резултатот во сите три сета, кои кичевци ги добија со убедливи 25-13, 25-13 и 25-12, или на својот гостин му препуштија само 38 поени.

Во сите три сета супериорноста на домаќините беше повеќе од очигледна и сите линии во тимот функционираа беспрекорно од сервисот до приемот, блокот и нападот. Во домашната екипа немаше слабо место, но сепак, за нијанса отскокнуваше Украинецот Станислав Азаров, кој без грешка го одигра овој натпревар.

Кичевци одлично чекорат на двата фронта, в среда ги очекува реваншот од Купот против екипата на Пробиштип, додека в сабота го имаат решавачкото гостување против еден од кандидатите за највисок пласман, екипата на Вардар.

Инаку, Шутова пролетва од четирите првенствени натпревари оствари три победи и само еднаш беше поразена од екипата на Струмица, а попатно извојува и победа на првиот куп-натпревар со Весна Пробиштип со 3-0. З.А.