Американската скијачка победи на слаломот во Килингтон, па за неа тоа е 42. победа во оваа дисциплина, а вкупно 62. во Светскиот куп, со што се израмни со Мозер-Прел, а сега пред неа се само уште Хиршер, Вон и Стенмарк

Американката Микаела Шифрин (24) триумфира на слаломот во Килингтон, САД, четврта година едноподруго, го зголеми рекордот на 42 победи во оваа дисциплина (во женска и во машка конкуренција) во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. За Шифрин тоа беше и 62. победа во кариерата со што се израмни со Австријката Анемари Мозер-Прел, која доминираше во 70-тите години на минатиот век (забележува 36 победи во спуст, 16 во велеслалом, три во слалом и седум во комбинација).

Во женска конкуренција поуспешна од нив е само Американката Линдзи Вон со 82 победи. Вкупно, повеќе победи од Шифрин во СК имаат уште осумкратниот победник во СК, Австриецот Марсел Хиршер, 67, кој летово се пензионира и легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк со 86 победи.
– Рекордите продолжуваат да се редат. Правам најдобро што можам секој ден. Кога тоа се исплати и се покажува во вид на вакви рекорди, со што се создава и историјата, сигурно е нешто специјално – изјави Шифрин.

Шифрин победи или беше втора на 21 од последните 22 слаломски трки во СК, вклучувајќи ги сите 13 од ЗОИ 2018 во Пјонгчанг, Кореја досега. Ланската сезона забележа рекордни 17 победи во СК. Сезонава Шифрин покрај себе како тренер ќе ја нема мајка си Ајлин. Тие заеднички одлучиле дека за двете ќе биде подобро да бидат подалеку една од друга.

– Има и други во моето семејство на кои треба да им посветам внимание, на синот Тејлор и на сопругот Џеф. Мислам дека ќе биде добро и за Микаела малку да биде на дистанца од мене, да тренира со други луѓе и сама да се снаоѓа во одредени ситуации – изјави Ајлин Шифрин.