Таа ја забележа 46-та победа во слалом, со што го израмни рекордот на шведскиот великан Ингемар Стенмарк за најмногу победи во Светскиот куп во една дисциплина

АЛПСКО СКИЈАЊЕ

Американката Микаела Шифрин петти пат победи во слаломската трка во Килингтон, Вермонт, САД, во рамките на Светскиот куп (СК) во алпско скијање. За неа тоа беше 46-та победа во оваа дисциплина (вкупно 71. во СК), со што го израмни рекордот на шведскиот великан Ингемар Стенмарк стар 32 години за најмногу победи во СК во една дисциплина (Стенмарк 46 во велеслалом). Стенмарк е рекордер според вкупниот број победи во СК, 86.
Шифрин, двократната олимписка шампионка, потекнува од Вејл, Колорадо, но Килингтон речиси го смета за роден град во чија околина ги усоврши скијачките вештини како тинејџерка. Таа победи на четирите претходни трки во слалом во Килингтон, во 2016, 2017, 2018 и во 2019 година. Ланската трка беше откажана поради пандемијата.
Второто место го освои Петра Влхова од Словачка, која задоцни 75 стотинки, а третото Венди Холденер од Швајцарија со заостанување од 83 стотинки зад Шифрин.
Шифрин победи и на велеслаломот на отворањето на сезоната во Зелден, Австрија, но потоа на двете слаломски трки во Леви, Финска, беше втора, зад Влхова. Овие две скијачки победија на 35 од претходните 38 слаломски трки во СК.


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО ЕДНА ДИСЦИПЛИНА

Ингемар Стенмарк 46 во велеслалом
Микаела Шифрин 46 во слалом
Линдзи Вон 43 во спуст
Ингемар Стенмарк 40 во слалом
Анемари Мозер-Прел 36 во спуст


НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО СВЕТСКИОТ КУП

Ингемар Стенмарк 86
Линдзи Вон 82
Микаела Шифрин 71
Марсел Хиршер 67
Анемари Мозер-Прел 62