Повеќе победи од Шифрин во СК меѓу жените има само нејзината сонародничка Вон, 82, а кај мажите Швеѓанецот Стенмарк забележа рекордни 86 победи

Американската скијачка Микаела Шифрин победи на велеслаломската трка во Линц, Австрија, во Светскиот куп (СК), што за неа е 63-та во кариерата со што ја надмина Австријката Анемари Мозер-Прел, која има 62 и која доминираше во 70-тите години од минатиот век. Повеќе победи од Шифрин во СК меѓу жените има само нејзината сонародничка Линдзи Вон, 82. Кај мажите, пак, Швеѓанецот Ингемар Стенмарк има рекордни 86 победи, а Австриецот Марсел Хиршер 67, четири повеќе од Шифрин.
Шифрин го освои разочарувачкото 17-то место во велеслалом во францускиот Куршевел, пред десетина дена, по што реши да ги пропушти трките во Вал д’Изер, кои патем беа одложени поради лошо време, за да се одмори малку, да се соземе и да тренира.

– Големото прашање во умот ми беше, кога постои притисок, можам ли да го издржам? Дали навистина можам добро да скијам? Знам дека велам оти не е важно што направив минатата сезона (рекордни 17 победи на СК – н.з.), но кога ќе победев луѓето велеа, па добро, ова го сторивте и минатата година. Почнав да го споредувам секој чекор со она што го направив лани, сезона што можеби никогаш повеќе нема да се повтори.

Оттаму, минатата недела беше многу поучна, сфатив дека треба да ги оставам настрана очекувањата. Морав да го сменам мојот став. Мислам дека не е проблем да се споредува оваа со минатата сезона, но проблемот се јави кога почнав да размислувам, ако не победам на 17 трки сезонава, тогаш сум потфрлила. Така е кога притисокот е преголем, бидејќи тоа се неразумни очекувања – вели Шифрин.