Американката Микаела Шифрин во Леви, Финска, ја забележа рекордната 41. слаломска победа во Светскиот куп, и сега има една повеќе од легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк

Американската скијачка Микаела Шифрин (24) победи на првиот годинашен слалом во Светскиот куп (СК), во Леви, Финска. За Шифрин тоа беше четврти триумф во Леви, најмногу од сите скијачки (победи и во 2013, 2016 и во 2018 година), вкупно 41-та во кариерата во таа дисциплина, со што го надмина легендарниот Швеѓанец Ингемар Стенмарк, кој во богатата кариера забележа рекордни 86 победи во СК, од тоа 40 во слалом и 46 во велеслалом, од 1974 до 1987 година. Кај жените, по Шифрин, најмногу слаломски победи во СК има Австријката Марлиз Шилд, 35.

– Воопшто не размислував за рекордот. Никој не бараше такво нешто од мене, ниту го спомнуваше, така што сѐ излезе доста добро. Имав малку среќа, но задоволна сум од тоа како скијав – рече Шифрин, која по трката позираше покрај ирвасот, како што налага традицијата.

Шифрин, двократната олимписка шампионка и најдобрата во СК последниве три сезони, сега има вкупно 61 победа, само една помалку од Австријката Анемари Мозер-Прел. Шифрин полека ѝ се приближува и на сонародничката Линдзи Вон, која се повлече годинава по 82-те победи на СК. Стенмарк е рекордер со 86-те победи, потоа следува Вон со 82, Австријците Марсел Хиршер со 67 и Мозер-Прел со 62 победи, па Шифрин итн.

Следна станица за скијачките во СК се трките во велеслалом и во слалом, викендов во Килингтон, Вермонт, САД.