Неделата на спортскиот интегритет е насочена кон промовирање имплементација на највисоките стандарди за интегритет на сите нивоа и во сите области на спортот. Аркадиј Дворкович, претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), чие, пак, основно мото е „Сите сме еден род“, претстави неколку клучни придобивки што шахот може да му ги даде на општеството, со воведен говор „Шахот двигател на целите за социјален развој“ на одбележувањето на Неделата на спортскиот интегритет.
– Шахот може да биде инструмент во подобрувањето на интелектуалниот капацитет на луѓето, особено на младите. Шахот нѐ учи како да го почитуваме противникот, како со чест и гордост да се справиме со победите и со поразите. Како да ги анализираме грешките, да ги подобриме стратегиското размислување и меморијата. ФИДЕ не е само за официјални турнири или за светски првенства туку за унапредување на образованието кај младите, за родова еднаквост, ферплеј- вредности. Во шахот сме силно против сите видови дискриминација. Ние ги поддржуваме шахистите со попреченост и тие да бидат вклучени во шаховски активности – рече, меѓу другото, претседателот на ФИДЕ, Дворкович на Неделата на спортскиот интегритет.