Македонската машка репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та), го освои 48-то место на 43. Шаховска олимпијада (ШО), која се одржа во Батуми (во конкуренција на 185 селекции) со 13 бода (пет победи, три ремија, три порази) и 25 поени по табли, што е за пет места послаб пласман од почетниот ранкинг.

Во последното 11-коло, мажите одигра 2-2 со селекцијата на Турција (рангирана 33-та). Цел поен освои ВМ Трајко Недев, загуби ВМ Кирил Георгиев, додека ВМ Владимир Георгиев и ИМ Филип Панчевски ремизираа со своите противници. Најуспешен Македонец е Кирил Георгиев со 6,5 поени од 10 можни.

Македонската женска шаховска репрезентација (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ма), го освои 70-то место (од 151 селекции) со 11 бода (пет победи, едно реми, пет порази) и 24 поени по табли, што е за 12 места послаб пласман по почетниот ранкинг.

Тие во последното коло минимално загубија од репрезентацијта на Индонезија (рангирана 47-ма). Бојана Бејатовиќ победи, ЖФМ Моника Стојковска загуби, а ЖИМ Габриела Коскоска и Катерина Петровска го поделија поенот. Најуспшна Македонка е Стојковска со 6,5 поени од 10 партии.

Кај мажите, нов олиписки првак стана селекцијата на Кина, пред досегашниот шампион САД и бронзената Русија, сите со по 18 поени, но Кинезите имат најдобар дополнителен критериум. Полска пак, која на две кола до крајот беше во водство, заврши како четврта.

Кај шахистките, актуелниот олимписки шампион Кина ја одбрани титулата со 18 бода, пред Украина (18), но послаб дополнителен критериум и Грузија (17), додека четврта е Русија (16).

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ, 11.КОЛО (МАЖИ)

САД – Кина  2-2

Франција – Русија  1,5-2,5

Индија – Полска  2-2

Германија – Ерменија  2-2

Украина – Чешка  2-2

Англија – Казахстан  3,5-0,5

Филипини – Виетнам  1-3

Хрватска – Шведска  1-3

ПОЗНАЧАЈНИ РЕЗУЛТАТИ, 11. КОЛО (ЖЕНИ)

Русија – Кина  2-2

САД – Украина  1-3

Виетнам – Азербејџан  2-2

Украина – Словенија  3,5-0,5

Полска – Шпанија  2-2

Ерменија – Грузија (1)  1-3

Монголија – Индија  1-3

Србија – Казахстан  1,5-2,5

Г.И.